КАКО СЕ ПРАВИ СУПА ОД КОСКИ ПОЛНА СО КОЛАГЕН? Се вари со часови, а може да се чува во замрзнувач и до шест месеци
Супата од коски повторно е во центарот на вниманието поради колагенот, протеините и минералите што ги содржи. Се подготвува бавно, со неколку едноставни состојки, а кога ќе се излади често добива желатинозна структура. Но, дали навистина помага за кожата и зглобовите и што е важно да знаете пред да ја вклучите во исхраната?
За разлика од порано, сега е сѐ потешко да се најдат коски за супа. Во месарниците велат дека коските веднаш им ги земаат рестораните, но и сѐ поголемиот број сопственици на кучиња за своите домашни миленици.
Па така, излегува дека некогаш најевтиното, најздравото и наједноставното јадење кое редовно ни го подготвуваа прво нашите баби, па потоа и нашите мајки, сега е сѐ потешко да се направи онака како што го правеле тие – од обични коски.
Чорбата од коските е многу хранлива, а пропорцијата на хранливи материи во супата зависи од состојките што ги користите при нејзината подготовка. На пример, свинските или говедските коски се богати со калциум, магнезиум, калиум, фосфор и други елементи во трагови важни за градење силни коски. Рибините коски содржат јод, кој е неопходен за здравјето на тироидната жлезда и метаболизмот. Покрај тоа, коските содржат протеин колаген, кој се претвора во желатин кога се готви и кој содржи неколку важни амино киселини.