🎥 ПОТРЕСНИ СЦЕНИ ВО ПАКИСТАН, СЕ УРНА ПОКРИВ НА ПРИВАТНО УЧИЛИШТЕ Загинаа 34 ученици и наставничка
Објектот имал слаба конструкција, а за уривањето можеби придонело дополнителното оптоварување од надградба на објектот, како и неодамнешните обилни дождови.
Голема трагедија се случи во Пакистан, каде што се урна покрив на приватно училиште, при што загинаа најмалку 34 ученици и една наставничка. Повеќе од 50 лица се повредени, а дел од нив се во критична состојба.
Несреќата се случи во градот Пешавар, главниот град на провинцијата Хајбер-Пахтунхва, во момент додека учениците следеле часови во приватно училиште „Ал-Хаир“.
Спасувачките екипи веднаш биле испратени на местото на трагедијата. Во спасувачката операција учествувале околу 100 спасувачи, кои со часови ги отстранувале урнатините и ги извлекле сите затрупани ученици и наставници.
Повредените ученици се однесени во болницата „Лејди Ридинг“, чиј портпаролот изјави дека некои од нив се во критична состојба. Меѓу загинатите се деца на возраст од шест до 12 години, а најстариот ученик кој бил меѓу жртвите имал 14 години.
Причината за уривањето на покривот сè уште не е позната, а околностите на оваа сериозна несреќа сè уште не се утврдени. Според информациите на Асошиејтед прес, покривот на објектот се урнал врз училниците под него, при што биле оштетени два ката од трикатната зграда. Шефот на полицијата во Пешавар соопшти дека сопственикот на училиштето е приведен.
Според првичните информации од истрагата, објектот имал слаба конструкција, а за уривањето можеби придонело дополнителното оптоварување од надградба на објектот. Сопственикот, според полициските информации, ги посочил и неодамнешните дождови како можна причина за ослабување на конструкцијата.
Провинциските власти формирале комисија која треба да ги утврди точните причини за несреќата и околностите под кои училиштето работело.
Трагедијата предизвика голема болка кај семејствата и шок во градот, како и во пошироката пакистанска јавност. Родителите со часови чекале информации за своите деца, додека локалните жители им помагале на спасувачите во извлекувањето на повредените.
Претседателот на Пакистан Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф изразија сочувство до семејствата на загинатите и повикаа на темелна истрага.