ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА МИСИЈАТА НА ММФ ВО НОЕМВРИ Димитриеска-Кочоска вели дека тоа е дел од анализата на состојбите во пензискиот систем

Министерката за финансии на средбата со претставниците на ММФ во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ што годинава се одржуваат во Бангкок, разговарала и за реформите во јавните финансии буџетот и инвестициите.

293

Прашањето за пензискиот систем и поставеноста на вториот пензиски столб ќе бидат во фокусот на следната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во земјава планирана за ноември, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по средбата со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли.

Ова е и во контекст на прегледот на јавните расходи (Spending Review) од страна на Светска банка во кој е опфатено и прашањето на пензискиот систем, а со цел да се обезбеди подетална анализа на состојбите и унапредување на неговата одржливост – вели Димитриеска-Кочоска.






Во соопштението од средбата се нагласува дека Димитриеска–Кочоска нагласила дека Министерството за финансии вложува напори и спроведува активности кои се во насока на имплементација на реформите во доменот на управувањето на јавните финансии и спроведување дисциплинирана фискална политика со постепено намалување на буџетскиот дефицит, а при тоа да не го загрози растот.

-Во моментов во Министерството за финансии се подготвува Буџетот за 2027 година, а веќе во собраниска процедура е Ребалансот на Буџетот за 2026 година. Особено сме внимателни во управувањето на јавните финансии, имајќи предвид дека со соочуваме со голема неизвесност и потребата од преземање мерки за заштита на стандардот на граѓаните, но и поддршка на бизнисот. Во таа насока со Ребалансот правиме интервенции и на приходната и расходната страна со цел да ја задржиме фискалната дисциплина и да не предизвикаме притисок врз буџетскиот дефицит – вели министерката.

Таа додаде дека буџетскиот дефицит останува во рамки на проекцијата и е насочен кон реализација на развојните политики на Владата, односно поддршка на големите инвестициски проекти.

Ова, според министерката, особено е важно за поддршка на економскиот раст и продолжување на овој тренд на стапки на раст од над 3% во изминатите две и пол години.

На состаноците беше наведено о дека во вториот квартал од 2026 година, БДП забележа  годишен раст од 4,3%, што претставува највисок раст во постковид-периодот. Тоа го потврдува продолжувањето на позитивните економски движења и отпорноста на домашната економија во услови на неизвесност во глобалното економско опкружување. Растот во првиот квартал изнесуваше 3,1%, со што растот во првата половина од годината достигна 3,7%. Особено е важно дека еден од факторите на кои се темели е високиот раст на бруто инвестициите, поддржани преку Буџетот. Исто така, согласно Фискалната стратегија 2027-2031, бруто инвестициите ќе продолжат да бидат еден од главните двигатели на економскиот раст.

Создавањето предуслови за нов циклус економски раст преку реализација повисоко ниво на капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и унапредување на управувањето со јавните финансии се основните цели на Фискалната политика за периодот 2027–2031 година. Истовремено, спроведувањето на фискалната консолидација создава основа за зачувување стабилноста и одржување одржлив и инклузивен економски раст. Во овој контекст потенцирала министерката дека буџетскиот дефицит согласно среднорочните проекции ќе се спушти на 2,8% во 2029 година.

Поврзани содржини