„ХУМАН“ ПОЛИЦАЕЦ ЛАЖЕЛ ДЕКА ДАРУВАЛ КРВ Службеник дал две лажни потврди за да добие платено отсуство

Службеникот употребил две лажни потврди за дарување крв за да добие по три дена платено отсуство во март и во јули. Против него е поднесена кривична пријава, а ќе следува и дисциплинска постапка.

93

Полициски службеник вработен во Министерството за внатрешни работи е пријавен за фалсификување исправи, откако, според сомнежите, изготвил и употребил две лажни потврди дека дарувал крв за да добие вкупно шест дена платено отсуство од работа.

Станува збор за А.А., вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР. Според наводите на Одделот за внатрешна контрола, тој на 3 март и на 9 јули 2026 година не дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но сепак изготвил и употребил две потврди со кои прикажал дека го сторил тоа.






Врз основа на потврдите, полицискиот службеник поднел барања за користење платено отсуство од по три работни дена. Првото отсуство се однесувало на 3, 4 и 5 март, а второто на 9, 10 и 13 јули 2026 година.

Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, односно до специјализираното одделение надлежно за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Пријавата е поднесена поради сомнение за кривично дело „фалсификување исправа“ од член 378 од Кривичниот законик.

Покрај кривичната постапка, против службеникот ќе биде покрената и постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.

Поврзани содржини