📽️ „НЕ САКАМЕ ИНФЛУЕНСЕРКИ, ГИ САКАМЕ АНГЕЛИТЕ“ Фановите се закануваат со бојкот на ревијата на „Викторија сикрет“

Познатата модна куќа се соочува со незадоволство неколку дена пред годишната ревија, откако долгогодишната манекенка Роми Страјд откри дека не е избрана за овогодишното шоу на Викторија сикрет. Фановите сметаат дека брендот им дава предност на инфлуенсерките и новите лица наместо на манекенките што со години беа негов заштитен знак.

141

Пет дена пред овогодишната ревија на „Викторија сикрет“, холандската манекенка Роми Страјд (31) низ солзи објави дека нема да учествува на настанот.

Таа го сподели своето искуство во емотивно видео во кое со солзи во очите им раскажа на своите следбеници што се случило. Таа објасни дека во септември отпатувала во Њујорк на аудиција, откако цело лето тренирала надевајќи се дека повторно ќе се појави на модната писта.
– Тренирав за тоа цело лето, бидејќи морав да вложам малку повеќе енергија, со оглед на тоа што имам две деца. А знаете како оди тоа – на вашето тело му треба малку повеќе вежбање отколку порано. Чувствував дека сакам повторно да учествувам на ревијата и по раѓањето на децата, бидејќи ми се чинеше дека ова е вистинскиот момент – вели таа, објаснувајќи дека со недели чекала некаква вест. Конечно, добила одговор од својата агентка:






– Беше одлична, но сметаат дека оваа година нема да се вклопиш во ревијата.

Страјд го критикуваше процесот на аудицијата, додавајќи дека се сомнева оти повторно ќе се пријави за ревијата на брендот.

– Не ми се допаѓа како заврши сè, не ми се допаѓа како се одвиваше целиот процес, не ми се допаѓа начинот на кој се однесуваа со мене и би сакала да ги зачувам убавите спомени од ‘Викторија сикрет’ – рече таа.

„Ја бојкотираме ревијата!“

Холандската манекенка првпат настапи на ревијата на „Викторија сикрет“ во 2014 година, а официјален „ангел“ стана во 2015 година. Учествуваше на пет последователни ревии, сè до 2018 година, во периодот кога „ангелите“ беа централен дел од јавниот имиџ на брендот, заедно со Адријана Лима, Тејлор Хил, Џиџи Хадид и други манекенки.

Сепак, Страјд и натаму соработува со брендот и се појавува во неговите рекламни кампањи, пишува Fashion Times.

Нејзината објава предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, а дел од обожавателите најавија дека нема да ја гледаат ревијата, незадоволни од изборот на манекенките.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Models Manifest (@modelsmanifest)

Фановите бараат враќање на старите „ангели“

На социјалните мрежи се редат коментари од обожаватели кои сметаат дека брендот се оддалечува од она што ја направи ревијата препознатлива. Тие негодуваат поради присуството на инфлуенсерки и деца на познати личности, додека некои од манекенките кои со години беа дел од шоуто не добиваат можност да се вратат.

– Не се вклопуваш во ревијата?! Па ти си ревијата! – напиша еден корисник. Друг коментар гласи: Не станува збор за одбивањето, туку за недостигот од комуникација и почит.

Меѓу реакциите се најде и:

– Зошто мислат дека сакаме инфлуенсерки и нови лица? Ги сакаме старите, оригиналните ангели, оние со кои пораснавме!

– Го бојкотираме ‘Викторија сикрет’ – порачаа дел од фановите. Засега, сепак, нема индикации дека станува збор за организиран бојкот, ниту е познато дали повиците ќе влијаат врз гледаноста на ревијата.

Од „Викторија сикрет“ јавно не објаснија зошто Страјд и Осен не се избрани. Брендот годинава бараше и нови лица преку аудиции под називот „Ангели меѓу нас“ и отворен кастинг низ САД, на кој се пријавиле повеќе од 100.000 кандидатки.

Овогодишната ревија е закажана за 18 октомври во Лос Анџелес. Меѓу најавените музички гости се Меган ди Сталион, Меган Морони, Тејт Мекреј и групата КАТСАЈ, а меѓу манекенките што ќе прошетаат на пистата се Џиџи Хадид, Адријана Лима, Кендис Свонпул, Алекс Консани и Палома Елсесер.

Поврзани содржини