ПОНУДАТА НЕ ГО ЗАДОВОЛУВА ПАЗАРОТ СО БАКАР Недостигот на нови наоѓалишта го поскапе бакарот, а проекти како Иловица чекаат старт

Додека светот трага по нови наоѓалишта, Македонија има само еден активен рудник за бакар, иако според одредени проценки земјава поседува големо количество од овој ресурс.

35

Глобалниот пазар на бакар се приближува до клучна пресвртна точка, пишува во последната анализа на „Фајненшл тајмс“. Прекините во снабдувањето од рудниците, недостатокот на големи наоѓалишта и зголемената побарувачка се закануваат да го прошират веќе постојниот дефицит во снабдувањето. Фајненшл тајмс неодамна објави дека аналитичарите очекуваат „голем недостиг“ во снабдувањето со бакар почнувајќи од 2027 година.

Швајцарската инвестициска банка UBS Group сега предвидува дека дефицитот на бакар следната година ќе достигне 379.000 тони, што претставува зголемување од 73% во однос на очекуваниот дефицит од 219.000 тони во 2026 година.






Додека светот трага по нови наоѓалишта, Македонија има само еден активен рудник за бакар, иако според одредени проценки земјава поседува големо количество од овој ресурс. Единствено работи рудникот за бакар Бучим, заедно со новиот капацитет „Боров дол“, каде преработката дава околу 7.000 до 7.500 тони чисто злато и бакар годишно. Според извештаите на USGS, Геолошкиот завод на САД, кои датираат од пред неколку години, Македонија располага со околу 510 милиони тони бакар. Тие наведуваат дека само на локалитетот „Иловица-Штука“ се проценува дека има околу 410.000 тони чист бакар (во склоп на 237 милиони тони руда), а локалитетот „Кадиица“ кај Пехчево крие најмалку 100 милиони тони бакарна руда. Според пишувањата, Геолошкиот завод на Македонија во 1973 година спровел рани геолошки истражувања на ресурсите во Иловица-Штука, но тие стануваат интересни за инвеститорите со модернизацијата на рударството и новите технологии за експлоатација на рудните ресурси. Деталните геолошки истражувања на инвеститорот потврдиле ресурси од 410.000 тони бакар. Инвестицијата е најнапреден нов рударски проект во државата, со потенцијал за извоз од над 10.000 тони бакар на годишно ниво во период од две децении.

Инаку, во светски рамки актуелното високо ниво на цените на бакарот укажува на тоа дека загриженоста во врска со понудата е оправдана и се одразува на пазарот. Референтната цена на бакарот на Лондонската берза за метали (LME) се движи околу 14.800 американски долари по тон, приближувајќи се до рекордот поставен претходно во септември. Bank of America ја зголеми својата прогноза за просечната цена на бакарот во 2026 година за 11%, на 11.313 долари по тон, наведувајќи ги како причина честите прекини во работата на рудниците. И Deutsche Bank ја зголеми прогнозата за 2026 година на просек од 12.125 долари по тон, додека UBS предвидува дека цената на бакарот ќе достигне 15.000 долари веќе во декември. Од почетокот на годината, цената на бакарот порасна за речиси 20%, надминувајќи го влијанието на инфлаторните притисоци што негативно се одразија врз други метали, како што е златото.

Аналитичарите претежно укажуваат на слабата понуда од рудниците како главен двигател на растот на цената на бакарот. Според Извештајот на Moody’s, агенцијата за кредитен рејтинг, тековниот инвестициски циклус во индустријата оди во прилог на надополнувањето на резервите и би можел да ја зајакне долгорочната конкурентност, но бара значителни финансиски средства поради растечки трошоци и оперативни ризици.

„Високите цени на бакарот придонесуваат за остварување профит, но капиталните расходи го апсорбираат поголемиот дел од тој профит и ги оставаат производителите со високи трошоци изложени на ризик од корекција на цените“, се наведува во прогнозата на „Мудис“ (Moody’s).

Новиот извештај на глобалната компанија за финансиски услуги „Coface“ исто така очекува дека цените на бакарот и никелот би можеле да се удвојат во текот на следната деценија, поттикнати од побарувачката во градежништвото, енергетската транзиција и електрификацијата. Алуминиумот, бакарот и никелот би можеле да се соочат со недостиг во понудата што во просек би изнесувал околу 10% од побарувачката до 2035 година, бидејќи рударските компании се соочуваат со тешкотии при обезбедувањето доволно нови капацитети за производство. Понудата на бакар би можела да биде намалена за дури 17%. „Coface“ предвидува дефицит на рафиниран бакар од 1,5 до 6,5 милиони тони до 2035 година, што претставува околу 11% од проектираната побарувачка.

„Американските царини се дел од многу пошироката промена во начинот на кој се тргува со метали. Владите со години ја ограничуваат трговијата со метали, а мерките на САД дополнително го зголемуваат тој притисок во момент кога понудата веќе заостанува зад побарувачката. За производителите во САД, Канада и Мексико, тоа значи планирање на повисоки трошоци за метали на долг рок, наместо чекање на евентуален трговски договор кој би довел до намалување на цените“, оценува економистот Маркос Каријас, за „Coface“.

Извештајот на „Coface“ за индустриските метали се заснова на анализа на податоци за производството, потрошувачката и цените, преземени од Лондонската берза за метали, Геолошкиот институт на САД, Светската банка и Меѓународната агенција за енергетика (IEA).

Поврзани содржини