JA ПРОГОЛТАЛ ДРОГАТА ДОДЕКА БЕГАЛ ОД ПОЛИЦИЈАТА Морале да го однесат во болница пред да го носат во станица
Триесет и шестгодишниот маж се обидел да избега при полициска контрола на такси-возило. Полицајците го стигнале, но тој претходно успеал да проголта непозната материја.
Обид за бегство од полицијата завршил во болница за 36-годишен велешанец, кој проголтал бела прашкаста материја додека полицајците се обидувале да го фатат. Мажот бил патник во такси-возило запрено за полициска контрола, но наместо да дозволи преглед, се дал во бегство.
Инцидентот се случил на 11 октомври, околу 22:35 часот, на улицата Благој Ѓорев во Велес.
„При обид да му се изврши преглед, се обидел да побегне, но набргу бил фатен“, соопшти СВР Велес.
Полицијата не соопштила каква супстанца проголтал велешанецот.
„Проголтал бела прашкаста материја и бил пренесен во Општа болница Велес за укажување лекарска помош“.
По укажаната медицинска помош, велешанецот бил приведен во полициска станица.
„Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти полицијата.