КОЧАНСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МИХАИЛОВА Судот може да издаде потерница по неа

ОЈО Кочани било известено дека обвинетата не е пронајдена на домашната адреса и не ја исполнила обврската за јавување во полиција.

117

Основното јавно обвинителство Кочани веднаш доставило предлог за определување притвор за Ива Михаилова, откако утринава било известено од Основниот суд Кочани дека обвинетата не е пронајдена на домашната адреса и не ја исполнила обврската за јавување во полиција.

Оттаму посочуваат и дека судот има можност да постапува и по службена должност, без да чека предлог од јавен обвинител.






– Обвинителството е известено од судот утрово и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор. Потоа судот одлучува по предлогот. По донесување на одлуката, се издава наредба за потерница – изјави претседателот на Основниот суд Кочани Спиро Борисов.

Михаилова се појави во бугарските медиуми и соопшти дека се наоѓа во Бугарија, иако против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици и ѝ се определени мерки за обезбедување присуство.

Според претходните информации од Обвинителството, уште во октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а ѝ биле изречени забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за јавување кај службено лице.

МВР претходно соопшти дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија, ниту регистриран легален влез во Бугарија, според информациите добиени од бугарската гранична полиција.

Поврзани содржини