📽️ ФИЛМОТ НА ТОМ КРУЗ МОЖЕ ДА ЗАГУБИ 250 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Дигер доживеа дебакл уште на стартот

Дигер заработи 21 милион долари на светско ниво во првиот викенд, иако продукцијата чинела околу 173 милиони долари, а маркетингот уште 100 милиони. Според проценките објавени во американските медиуми, загубата може да достигне 250 милиони долари.

65

Новиот филм Дигер (Digger), во кој Том Круз игра нафтен магнат во црна сатира за еколошка катастрофа, би можел да предизвика финансиска загуба од дури 250 милиони долари. Проценката, објавена од американскиот портал „The Wrap“, ги вклучува и очекуваните приходи по завршувањето на киноприкажувањето.

Ако прогнозата се оствари, тоа би била најголемата финансиска загуба во кариерата на Круз и една од најголемите во поновата филмска индустрија.






Претходните проценки предвидуваа загуба од околу 125 милиони долари, но слабите резултати на стартот на прикажувањето дополнително ја влошиле финансиската слика. Дигер заработил само осум милиони долари во Северна Америка во првиот викенд, додека светската заработка изнесувала околу 21 милион долари.

Продукцијата чинела околу 173 милиони долари, а за маркетинг биле издвоени дополнителни 100 милиони долари. Значителен дел од промотивните активности бил поврзан со Том Круз, кој го претставувал филмот пред публиката.

Според извори на „The Wrap“ од компанијата Скајденс (Skydance), се очекува вкупната заработка на филмот од кинобилетите да не надмине 40 милиони долари на светско ниво. Од Ворнер брос (Warner Bros.), продукциската куќа зад филмот, не сакале да ги коментираат овие наводи.

Во филмот, Круз го толкува Дигер Роквел, богат нафтен магнат чии ископувања предизвикуваат еколошка катастрофа со глобални последици. Актерот е речиси непрепознатлив под маската и протезите, со кои е трансформиран во остарен, дебел и ќелав милијардер. Неговиот лик живее опкружен со препарирани животни и со својата болна мачка.

Критичарите имаат поделени мислења за филмот. Дел го оценуваат како збунувачки и претерано необичен, додека други ја пофалуваат неговата смела сатира и црниот хумор.

Дигер првично се сметаше за амбициозен проект и поради соработката меѓу Круз и режисерот Алехандро Гонзалес Ињариту, двократен добитник на Оскар за режија. Филмот беше и важен дел од новата соработка на актерот со Ворнер брос.

Сепак, високите трошоци и слабиот интерес на публиката во првиот викенд ги намалија изгледите проектот да ги оправда вложените средства.

Круз во меѓувреме има и друг голем проект во најава. Тој ќе се врати во продолжението на филмот Денови на грмотевицата (Days of Thunder), во кое ќе глуми заедно со Ен Хатавеј. Филмот е најавен за 2028 година, а режијата ќе ја потпише Џонатан Левин.

Поврзани содржини