МИЦКОСКИ СЕ РАДУВА ШТО ПОЧНАЛ ДИЈАЛОГОТ СО БУГАРИЈА Прмиерот очекува приближување на ставовите и решение
Премиерот вели дека меѓународните партнери се запознаени со разговорите и очекува во наредниот период да има напредок. Засега не открива дали ќе има нови средби до декемврискиот самит на ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дијалогот со Бугарија да продолжи и во наредниот период да има приближување на ставовите, со цел да се дојде до решение за отворените прашања меѓу двете земји.
– Се радувам што дијалогот почна и што со дијалогот се запознати нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината на демократијата – да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање каде го гледа излезот од блокадата во односите со Бугарија и какви се неговите очекувања по неодамнешната средба во Софија на министрите за надворешни работи на двете земји, Тимчо Муцунски и Велислава Чамова.
– Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение – рече премиерот, по посетата на Скопското Кале.
На прашањето дали до декемврискиот самит на Европската Унија ќе има нови средби меѓу претставниците на двете земји, Мицкоски одговори дека процесот треба да се одвива без однапред да се наметнуваат рокови.
– Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За сè она што јавноста треба да знае, ќе знае навреме – рече тој.
Мицкоски нагласи дека е важно што дијалогот е започнат, посочувајќи дека тоа било и советот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината неодамнешна посета на Скопје.
– Советот беше да почне дијалогот, дијалогот почна. Нашите партнери се запознати со содржината на дијалогот, очекувам дијалогот да продолжи, така што во периодот што следува очекувам да има напредок. Кога ќе има напредок, се разбира, јавноста ќе биде информирана – додаде премиерот.