📽️ ОТКАЖАЛЕ СОПИРАЧКИТЕ, 11 ВАГОНИ ЗАВРШИЛЕ ВО ПРОВАЛИЈА Нема повредени во железничката несреќа кај Риека
Несреќата се случила утрово на влезот во станицата Меја, додека товарниот воз се движел кон Риека. Машиновозачот претходно пријавил дека сопирачките откажале, а во инцидентот нема повредени.
Товарен воз на компанијата „Трансагент“, натоварен со жито, излета денеска од шините на влезот во железничката станица Меја, кај Риека, при што 11 вагони паднаа во провалија, соопштија хрватските власти. Во несреќата нема повредени, но е предизвикана голема материјална штета, поради што станицата е затворена за железнички сообраќај.
Според соопштението на компанијата „ХЖ инфраструктура“, несреќата се случила утрово во 9:25 часот, додека возот се движел кон Риека. Според досегашните информации, непосредно пред излетувањето, машиновозачот го известил диспечерот дека откажале сопирачките на возот и дека не може да ја запре композицијата.
Набргу потоа, возот излетал од шините на самиот влез во станицата. Единаесет вагони паднале во провалијата, додека локомотивата и уште два вагона останале на пругата во станицата.
Поради големината на штетата и потребата од отстранување на последиците од несреќата, железничката станица Меја останува целосно затворена за сообраќај.