УАПСЕНИ ДИРЕКТОР И ВРАБОТЕНА ВО „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ Одземени камиони и 400 кубици огревно дрво

Заменик-директорот Кире Михаилов информира за повеќе случаи во Прилеп, Велес, Свети Николе и Скопје. Во еден од случаите, според неговите наводи, штетата надминува 50.000 евра.

113

Директор на подружница на ЈП „Национални шуми“ и вработена во претпријатието биле приведени во изминатите денови во одделни случаи поврзани со сомнежи за незаконско постапување со дрвна маса. За случаите информира заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, кој најави дека ќе одговара секој за кого ќе се утврди дека го прекршил законот.

Според Михаилов, актуелниот директор на подружницата „Бор“ – Прилеп бил повикан на службен разговор во врска со случај во кој биле одземени две товарни возила. Ден претходно, како што наведе, била приведена и вработена во подружницата „Бабуна“ – Велес.






– Колеги за кои, според МВР, постојат сериозни докази и индиции дека ја злоупотребиле службената положба и се огрешиле пред законите во Македонија – вели Михаилов.

Тој информира и дека пред неколку дена била поднесена кривична пријава против вработен во подружницата во Свети Николе, поранешен директор од времето на претходната владејачка гарнитура на СДСМ и ДУИ, како и правно лице од Бузалково. Според неговите наводи, во овој случај штетата надминува 50.000 евра.

Во изминатите седум дена, според Михаилов, биле одземени неколку камиони поврзани со лица што тој ги нарекува „тендераши и дрвокрадци“. Дополнително, од правно лице во Скопје биле конфискувани околу 400 кубни метри огревно дрво, чија вредност, според него, изнесува околу 30.000 евра.

Михаилов порача дека контролите и постапките треба да покажат дека законот важи за сите, без разлика на нивната поврзаност или позиција.

– Не знам кој и колку ме верува и разбира кога велам дека правдата важи за сите и дека нема големи и мали, наши и ваши. Едноставно е, секој кој се огрешил пред Законот ќе одговара! Заврши времето како досега – порача заменик-директорот на „Национални шуми“.

Поврзани содржини