НОВАТА ПОРТПАРОЛКА НА ТРАМП РАБОТЕЛА ВО КИНА Од американско министерство заминала по само 6 недели

Кејти Закарија е адвокатка и конзервативна коментаторка, позната по настапите на „Фокс њуз“ и „Њузмакс“. Во последните месеци работела за компанијата што стои зад социјалната мрежа на Трамп, а претседателот побарал мислење и од нејзината претходничка пред да ѝ ја понуди функцијата.

114

Претседателот на САД Доналд Трамп ја избра конзервативната коментаторка и адвокатка Кејти Закарија за нова портпаролка на Белата куќа. Нејзината кариера, меѓутоа, крие неколку необични детали: работела во Кина, била телевизиска аналитичарка, а претходниот ангажман во администрацијата на Трамп го напуштила по само шест недели.

Информацијата за изборот ја потврдија претставници на Белата куќа за неколку американски медиуми, меѓу кои Си-ен-ен и Си-би-ес.






„Њујорк тајмс“ прв објави дека Закарија ја добила понудата, но засега нема официјална потврда дека таа ја прифатила функцијата.

Закарија треба да ја наследи Каролин Ливит, која ја напушти Белата куќа кон крајот на август, по раѓањето на своето второ дете.

Според Си-Ен-Ен, Трамп во изминатите денови разговарал со повеќе блиски соработници за изборот на новата портпаролка.

Меѓу луѓето чие мислење го побарал била и самата Ливит. Претседателот се консултирал со неа пред да ја донесе конечната одлука и да ѝ ја понуди функцијата на Закарија.

Новата кандидатка за едно од највидливите места во американската администрација не е непозната во конзервативните медиумски кругови.

Таа редовно настапувала како политичка и правна коментаторка на телевизиите „Фокс њуз“ и „Њузмакс“, каде што ги застапувала ставовите на републиканците и политиките на Трамп.

Од јуни годинава работи како виша советничка за комуникации во компанијата „Трамп медија енд технолоџи груп“, која стои зад социјалната мрежа „Трут соушал“.

Тоа значи дека Закарија веќе била дел од комуникацискиот тим поврзан со медиумскиот бизнис на претседателот, пред да добие понуда да стане главен глас на неговата администрација.

Од министерство заминала по 6 недели

Необичен детал во нејзината биографија е и работата во Кина. Закарија дипломирала и завршила правни студии на Универзитетот „Пепердајн“ во Калифорнија, а дел од професионалната кариера ја поминала во Пекинг.

Таму работела во областа на корпоративното право и со меѓународни организации, вклучително и на правни ангажмани поврзани со Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација.

Во американската политика е присутна уште од 2006 година, кога стажирала во Републиканскиот национален комитет, за време на претседателскиот мандат на Џорџ Буш Помладиот.

Закарија има искуство и со политички кампањи, како и со конзервативни организации во Калифорнија.

Но, особено внимание привлекува нејзиниот краткотраен ангажман во американското Министерство за внатрешна безбедност.

Во февруари 2026 година била назначена за портпаролка и заменик-помошник секретар за односи со јавноста во министерството.

Само шест недели подоцна, на почетокот на април, ја напуштила функцијата.

Нејзиното заминување предизвикало медиумски шпекулации за можни несогласувања во администрацијата, но Закарија ги отфрлила таквите тврдења.

Таа објаснила дека честите патувања меѓу Калифорнија и Вашингтон претставувале голем товар за нејзиното семејство.

Закарија е мајка на четири деца, а според нејзините објаснувања, усогласувањето на семејните обврски со работата во федералната администрација било една од причините за повлекувањето.

Сега, само половина година подоцна, добива понуда за значително повидлива и политички почувствителна функција.

Портпаролката на Белата куќа секојдневно ги соопштува ставовите на претседателот, одговара на прашањата на новинарите и ги брани одлуките на администрацијата пред домашната и меѓународната јавност.

Закарија би ја презела функцијата во период на војна со Иран, високи цени на енергентите и засилени политички судири во САД пред конгресните избори во ноември.

Најмладата портпаролка во историјата замина по породувањето

Каролин Ливит ја презеде функцијата во јануари 2025 година, на само 27 години, со што стана најмладата портпаролка во историјата на Белата куќа. Брзо стана препознатлива по острите расправии со новинарите и бескомпромисната одбрана на политиките на Трамп.

Претходно работела во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, а потоа била директорка за комуникации на републиканската конгресменка Елис Стефаник.

Во 2022 година неуспешно се кандидирала за Конгресот, а во претседателската кампања во 2024 година била национална портпаролка на Трамп.

Нејзиниот последен работен ден во Белата куќа беше 27 август 2026 година. По раѓањето на второто дете, Ливит одлучи да се посвети на семејството, а Трамп ја задржа како надворешна советничка.

Поранешната портпаролка веќе има и нов професионален ангажман. Од 1 ноември треба да ѝ се приклучи на телевизијата „Фокс њуз“ како политичка коментаторка.

Поврзани содржини