Дали навистина сакаме да бидеме избришани од историјата?
И тоа – особено последното – секако е/ќе биде крајниот резултат на оваа долга (не)културна војна со, изгледа, однапред познат резултат. Со несебична внатрешна поддршка, се разбира. Затоа и прашањето од насловот: сакаме ли навистина да бидеме своеволно избришани од историјата? Слепцине од сектана би рекле: подобро како северномакедонци отколку никако? Ама – сигурни ли се дека ќе ги остават да бидат дури и тоа?
Актуелниот политички миг во Македонија, на внатрешен и надворешен план – „планови“ што, инаку, толку се испреплетуваат, речиси во некаков Гордиев јазол – навидум не остава простор за рационализирање на можните разврски. А само тие, токму логичните разврски, се единствениот можен излез, посакуван од мнозинството граѓани, но и тврдоглаво отфрлан од една друга, значително помала групација којашто сака да се претставува како некаква политичка опција.
На што има право, се разбира, барем засега, како „право“ стекнато со бројот на добиени гласови на последните парламентарни избори. Иако нивниот арогантно недоделкан став не гарантира такви гласови и на следните избори.
Нејсе, го сакал тоа некој од власта или/и од опозицијата или не, државата изгледа ја живее последната и досега најагресивната фаза на (не)културната војна, започната „тивко“ уште од 1992-та година. Се разбира се потсмевам со ова „тивко“ бидејќи уште тогаш, иако јасно видливи, како да не беа препознаени првичните знаци на истата, што многумина одлесно го припишуваа(т) на наивноста и неискуството на тогашните „елити“, дури и на еден „лисец“ како Глигоров, иако тој де факто никогаш и не беше вистински политичар. Но, по толку децении во Белград, требал нешто и да научи! Онаа останата политикантска „боранија“ околу него гледаше како веднаш да си ги смести задниците во функционерските фотелји, побргу и целосно да ги исклучи искусните македонски политички кадри од форматот на еден Мојсов, (Грличков, за нивна среќа, почина во 1989 година), Црвенковски, Милосавлески…, да смислува стапици за и да се пцуе со еднакво наивните „кадри“ на новата политичка опција со четирите историски имиња итн.
Ги задржаа само оние најригидните болшевички шутраци со најлепливи прсти и најпразни глави за да ги пренесат граѓаните жедни преку вода и да го инсталираат стариот „систем“ во „нови“ услови. Дури и еден Тупурковски спадна на нивото на Георгиевски! Сељачките кадровски комбинаторики и жестоките провинциски политикантски пресметки засенија сѐ друго во државата.
А (не)културните војни само чекаа(т) такви токмаци кои, прво, ќе ги спроведат локалните „културни војни“ (приватизацијата, негативната селекција, уништувањето на образованието и културата, еколошката девастација, „Скопје 2014“ и др.), па потоа ќе отворат пат за „либералниот“ хаос и идентитетскиот инженеринг!
Како „решение“ на сѐ поагресивниот културоцид, истите и/или слични пазарџии ја довлечкаа државата до „Преспанскиот договор“, „Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија и „францускиот предлог“ за пристапните преговори со еу (малите букви се…)!
Всушност, со тоа се назира и крајот на (не)културната војна контра Македонија и исполнувањето на сите европски неоимперијалистички стратешки планови за обезличување на земјата пред последната фаза. Која, каква? Останува да ја видиме таа планирана „нова реалност“, но најверојатно ќе биде многу блиску до онаа од цитатот на Геровски: дека сме ја украле нашата историја, „Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека, всушност, сме измислени и дека не постоиме“!
И тоа – особено последното – секако е/ќе биде крајниот резултат на оваа долга (не)културна војна со, изгледа, однапред познат резултат. Со несебична внатрешна поддршка, се разбира. Затоа и прашањето од насловот: сакаме ли навистина да бидеме своеволно избришани од историјата? Слепцине од сектана би рекле: подобро како северномакедонци отколку никако? Ама – сигурни ли се дека ќе ги остават да бидат дури и тоа?
Ова двегодишно интермецо односно овие обиди на новата власт за денфување односно разрешување на некои наметнати државни порази внесуваше некаква надеж за отпор, иако многу, многу „тенка“. Бледнее ли и таа после (веќе) две години, како што денес изгледа? Ќе се фатат ли за новата сламка на Марта („удба“) Кос иако знаат дека таа ама баш ништо не менува?
Не верувам дека некој очекуваше дека за овој краток период ќе се разрешат многуте дилеми во однос на македонските евроинтеграции. А сепак, напластените порази изгледаат уште посилни и поболни бидејќи на повидок нема ниту милиметар поместување од завземените рововски „позиции“. Дури напротив, агресорот реди нови „операции“, како „скандалот Самоил“. Зачудува и фактот што не се користат ни потенцијално можните внатрешни демонстрации на решителност за справување со оние кои ја доведоа државата до оваа небиднина.
На пример, зарем нема „казнен“ механизам за она налудничаво „научно“ прифаќање дека Самоил е дел од некаква „заедничка историја“ – став наметнат од еден човек, веднаш награден со членство во ману (малите букви се реален одраз на реномето на таа институција!)? Не може ли таа и таква ману да се „ослободи“ од таков член, очигледно политикантски промовиран и унапреден? И впрочем, зарем не може таа и таква ману јасно и гласно да ги објави сите документи од 1945 година наваму во кои „добрососедска“ Бугарија прифаќа сосема друга интерпретација за Самоил? Или тоа да го стори барем Владата и тоа јавно да го презентира пред еу членките и бирократијата во Брисел?
Понатаму, ако Претседателката на државата, и не само таа, упорно ја посочува небулозата со онаков меѓудржавен договор потпишан од министер за надворешни работи, не може ли по тој основ истиот да се поништи? И во тој контекст, а наспроти „стручњакот“ за бетониран јазик Филипче, нема ли начин погласно да се реагира на бугарската „фуснота“ во преговарачката рамка?
Или, понатаму, во време кога светот, па и еу, завзема цврст цивилизациски став околу враќањето на незаконски присвоеното туѓо културно наследство – меѓу другите дури и онаа ретро-империјалистичка Франција! – зошто ние молчиме за актуелнава провинциска бугарско-грчка „трампа“ со македонски културни вредности? И за што, меѓу другото, постојат оние „важни“ институции за заштита на културното наследство? Да молчат зашто во нив седи полуписмен свет кој ниту знае што му е работа? И треба луѓе преку социјалните мрежи (на пример Рамадан Рамадани и други) јавно да ги будат од сонот во којшто западнале?!
И впрочем: кој треба да ја информира јавноста кои се тие реликвии од Македонија што сега Бугарија ги трампа со Грција? Рамадан, Петко, Станко, Јанко… или државните институции, па и Владата, кои примаат плата и за тоа?
И како, и зошто, никој во Македонија – почнувајќи уште од атентатот врз Глигоров – не одговара за страотни злосторства направени заради неспособност и неукост, за лошо извршување односно неизвршување на државна функција, за непостапување, за идиотизми во службата, за очигледен криминал и корупција, за прикривање дури и на евидентни докази дека против државата се води специјална односно (не)културна војна…?
Или, на пример, оние историски пописмени веројатно се сеќаваат на 27 март 1941 година и општонародните демонстрации против пристапувањето на Кралството Југославија на Тројниот пакт? Нели е тоа соодветен одговор на брисељачките повикувања за исполнување на превземените меѓународни обврски, no matter what односно по секоја цена?
Но за тоа во следната прилика.