ОБВИНИТЕЛ БАРА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ОБВИНЕТИОТ ЗА 4 УБИСТВА ВО КУМАНОВО Пресудата за Бојковски треба да биде изречена на следното рочиште

Обвинителот Љубомир Лапе рече дека жртвите биле постари и немоќни жени, а како доминантна околност во случајот ја посочи некрофилијата. Од друга страна, одбраната побара Судот да ги цени признанието, возраста и фактот дека Бојковски претходно не бил осудуван.

49

Доживотен затвор за Трајче Бојковски побара Обвинителството денеска пред Основниот суд во Куманово, каде што беа изнесени завршните зборови во процесот во кој тој е обвинет за четири убиства и два обиди за убиство. Пресудата треба да биде изречена на следното рочиште.

Јавниот обвинител Љубомир Лапе рече дека Бојковски, кој работел како овчар, наместо да ги штити немоќните, бил нивен предатор. Според обвинението, ги избирал жртвите меѓу постари жени и ги напаѓал кога биле сами.






– Доказите неспорно покажуваат дека Станче Каревска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска биле убиени на ист начин, со давење и притисок врз градниот кош. Кај дел од нив се констатирани и повреди во пределот на половите органи, а ДНК-траги од обвинетиот се пронајдени кај две од жртвите и кај една од преживеаните – рече Лапе.

Двете преживеани жени, Слоботка Арсовска и Росанка Трајковска, во своите искази опишале дека биле фатени за врат, соборени и давени.

Бојковски не го признава убиството на Станче Каревска. Обвинителот, сепак, тврди дека при давањето исказ навел детали за времето и начинот на извршување кои се совпаѓале со форензичките наоди.

– Таквите детали не можеле да му бидат познати на никој освен на сторителот – рече Лапе.

Обвинителството се повика и на судско-психијатриското вештачење според кое Бојковски е пресметлив, покажува способност за прикривање, а кај него отсуствуваат емпатија, каење и срам. Според обвинителот, вештачењето укажува и на ризик од повторување на делата.

Лапе како пример за обид за манипулација го наведе однесувањето на Бојковски пред Судот, тврдејќи дека на последното рочиште се колнел во Алах иако е православен, претпоставувајќи дека претседателот на Советот е муслиман поради неговото име и презиме.

Обвинителот рече дека за делото за кое се товари Бојковски е потребен и посебен мотив – ниски побуди. Според Обвинителството, во конкретниот случај тие се поврзани со некрофилија.

– Во конкретниот случај, тоа е некрофилијата – рече Лапе, објаснувајќи дека другите околности се ценат како отежнителни.

Адвокатката на дел од оштетените Драгана Илиевска-Тодоровиќ оцени дека доказите го поврзуваат Бојковски и со убиството на Каревска, кое единствено не го признава.

– Не се сомневаме дека Судот правилно ќе ги цени доказите и ќе донесе одлука за добро на општеството – изјави Илиевска-Тодоровиќ.

Адвокатот по службена должност Тони Цветковски посочи дека начинот на извршување и повредите претставуваат индиција, но сами по себе не се доволен доказ за вина. Како несоборливи материјални докази ги наведе биолошките траги под ноктите чиј ДНК-профил се совпаѓа со Бојковски.

За двете преживеани жени, Цветковски оцени дека од нивните искази не може докрај да се утврди умислата на обвинетиот. Побара Судот при одлучувањето да ги земе предвид признанието на вина за дел од делата, неговата возраст и фактот дека претходно не бил осудуван.

Основниот суд во Куманово треба да ја изрече пресудата на следното рочиште.

Поврзани содржини