МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ИНФЛАЦИЈА ОД 1,5 ДО 2% КАЈ ХРАНАТА ЗА СЕПТЕМВРИ Премиерот оцени дека за тоа големо влијание имаат ниските цени на горивата

Премиерот го прокоментира и економскиот раст од доаѓањето на власт на оваа влада во кој просечниот реален раст е повисок од 3,5%, што е далеку повисок од оној на нашите најголеми трговски партнери.

21

Премиерот Христијан Мицкоски очекува годишната инфлација кај храната и безалкохолните пијалоци во септември да се движи меѓу 1,5 и 2%, повикувајќи се на анализите на Државниот пазарен инспекторат. Официјалните податоци за вкупната инфлација треба да ги објави Државниот завод за статистика.

– Очекувам, според нашите анализи што ги прави Државниот пазарен инспекторат, барем кај храната и безалкохолните пијалоци, во септември да се движиме меѓу 1,5 и 2% инфлација на годишно ниво. Утре треба да ја објави Државниот завод за статистика, ќе видиме колку ќе биде вкупната инфлација – рече Мицкоски.






Тој рече и дека владата  успеала да обезбеди стабилно снабдување и ниски цени на горивата, што ја држи инфлацијата на ниско ниво во  услови на двете војни кои го дестабилизираа пазарот со гориво.

– Нè убедуваат дека е увезена инфлацијата, не можело да не биде увезена инфлацијата- рече Мицкоски.

Тој ги спореди движењата во Македонија со оние во еврозоната.

– Домашната годишна инфлација во јули изнесувалше 2,3%, а во август 2,6%. Евростат регистрираше 2,9% инфлација во еврозоната во јули и 3,2% во август, додека прелиминарната проценка за септември е 3,8% – рече тој.

Мицкоски го прокоментира и економскиот раст од доаѓањето на власт на оваа влада во кој просечниот реален раст е повисок од 3,5%, што е далеку повисок од оној на нашите најголеми трговски партнери.

– Да, сме имале 5, 5,5, па дури и 6%, но тогаш растот насекаде беше толкав. Сега зборуваме за раст трипати поголем просечно, споредено со просечниот раст кај нашиот најголем трговски партнер – рече Мицкоски.

Како дополнителен показател за движењето на економијата, тој ги посочи податоците за надворешната трговија во јули и август, наведувајќи раст на извозот од 11,5%, наспроти раст на увозот од 8,5%.

Мицкоски смета дека  фактот што извозот расте со повисока стапка од увозот е позитивен сигнал, иако Македонија останува увозно зависна економија.

Поврзани содржини