ЕКСПРЕСЕН ПАТ ОД РАДОВИШ ПРЕКУ СТРУМИЦА ДО БУГАРИЈА Почна подготовката на документацијата

Само преку Министерството за транспорт во Струмица се реализираат проекти во вредност од над 7 милиони евра, рече Николоски.

30

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, оствари работна посета на општина Струмица, каде со градоначалникот Петар Јанков, општинската администрација и пратениците Ели Панова и Жан Дрвошанов, разговараа за развојните планови на општината и реализацијата на инфраструктурните проекти со поддршка од Владата.

На средбата беше истакнато дека Владата континуирано вложува во подобрување на патната и комуналната инфраструктура, со цел создавање подобри услови и поквалитетен живот на граѓаните.






Николоски на средбата потенцира дека само преку Министерството за транспорт во Струмица се реализираат проекти во вредност од над 7 милиони евра, што претставува значајна поддршка за локалниот економски и урбан развој на општината.

Една од поголемите најавени инвестиции за целиот регион е изградбата на експресен пат кој треба да се протега од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, до границата со Бугарија.

За овој проект во моментов е започната постапка за избор на проектантска, односно консултантска куќа која треба да ја подготви целокупната документација.

Планирано е да бидат изработени предпроектна документација, еколошки и социјални студии и физибилити студија. По завршувањето на документацијата треба да следува тендер за избор на изведувач и изградба на патот.

Николоски претходно најави дека проектот е планирано да се финансира со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.

Според неговите најави, целта е новиот експресен пат да не завршува во Струмица, туку преку Ново Село да продолжи до македонско-бугарската граница.

Од Министерството за транспорт велат дека инвестициите во Струмица се насочени кон подобрување на патната и комуналната инфраструктура и создавање подобри услови за жителите и локалниот економски развој.

Поврзани содржини