ГРЦИЈА БАРА ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА МИГРАЦИЈАТА Атина предлага привремено суспендирање на барањата за азил при масовен прилив
За разлика од претходниот период, денес миграцијата низ Балканот сè повеќе зависи од организирани мрежи на криумчари, кои стануваат транснационални и попрофесионални, а во некои места се регистрирани и вооружени судири меѓу ривалски групи.
Грција побара од Европската Унија да им овозможи на земјите членки привремено да ги суспендираат барањата за азил во услови на голем и ненадеен прилив на мигранти, со образложение дека сегашните европски правила не се доволни за справување со вакви кризни ситуации. Предлогот го претстави грчкиот министер за миграција и азил Танос Плеврис на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург.
Предлогот доаѓа по масовниот прилив во шпанската енклава Сеута во јули, кога според шпанските проценки повеќе од 72.000 мигранти влегоа на територијата на енклавата од Мароко. Поголемиот дел подоцна се вратија во Мароко, но околу 10.000 останаа во Сеута.
Плеврис смета дека во вакви ситуации треба да се зајакне контролата на границите и привремено да се запре приемот на барања за азил. Холандскиот министер за миграција Барт ван ден Бринк го поддржа размислувањето дека ситуации како онаа во Сеута треба да се третираат првенствено како прашање на управување со границата, а не како редовна азилантска постапка.
Сепак, Европската комисија нагласува дека секоја нова мерка мора да биде во согласност со меѓународното право и основните права. Европскиот комесар за миграција Магнус Брунер порача дека ЕУ мора да има средства за заштита на надворешните граници, но дека и во услови на криза мора да се почитуваат основните права.
Предлогот на Грција се надоврзува на поширокото заострување на европската миграциска политика. Министрите за внатрешни работи на ЕУ во четвртокот дадоа и конечно зелено светло за новите правила за враќање на лица кои немаат право да останат во Унијата. Тие овозможуваат земјите членки да воспоставуваат центри за враќање и надвор од територијата на ЕУ.
Ова доаѓа во момент кога повторно се актуелизира тнр. Балканска мигрантска рута. Иако бројот на мигранти што минуваат низ Западен Балкан значително е намален во однос на годините на миграциската криза, рутата и понатаму функционира.
Меѓународната организација за миграција во првиот квартал од 2026 година интервјуирала 1.814 мигранти во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово, следејќи ги нивните рути, потекло и намери за продолжување на патувањето.
Според истражување на Авганистанската аналитичка мрежа (Afghanistan Analysts Network) „Авганистанците на возраст од 14 до 23 години во изминатата деценија станале најголемата поединечна група мигранти што минуваат низ Западен Балкан“. Истражувањето проценува дека од 2015 година низ регионот кон Западна Европа поминале повеќе од 2,5 милиони луѓе, од кои околу една петтина биле Авганистанци.
Според истражувањето за авганистанските мрежи, за разлика од претходниот период, денес миграцијата низ Балканот сè повеќе зависи од организирани мрежи на криумчари. Авторите забележуваат дека мрежите станале транснационални и попрофесионализирани, а во некои места се регистрирани и вооружени судири меѓу ривалски групи.