Го признава ли ЕУ македонскиот историски наратив?

Постои прилично важна разлика помеѓу „ЕУ го користи името македонски јазик“ и „ЕУ го признава македонскиот историски наратив за развојот на јазикот и нацијата“. ЕУ во пракса го направи првото, но сè уште избегнува да заземе став за второто.

69

Најавата на манифестацијата „Ден на македонската поезија во Шведска“, која викендов по 36. пат ќе се одржи во Градската библиотека во Гетеборг, деновиве беше проследена со низа реакции на Фејсбук страницата на Библиотеката од страна на припадниците на грчката заедница. Протестите, меѓу другото, беа на линија дека државата го сменила името во Северна Македонија и дека организаторот на манифестацијата, Македонскиот сојуз во Шведска, треба да ја следи таа промена и да се преименува во Северномакедонски.

Раководството на Градската библиотека, сакајќи да ги смири духовите, се обрати до нас со молба околу можни преформулирања на идентитетските придавки во нивната најава, но единственото околу што се согласивме беше дека може да се користи формулацијата „писатели од Северна Македонија“, кои пишуваат на македонски јазик, а не „северномакедонски поети кои ќе читаат стихови на северномакедонски“.






Не помогна многу ни тоа што во атмосферата на незадоволство со грчките забелешки и протести укажавме на компетентни објаснувања на суштинските моменти поврзани со грчко-македонскиот договор од Преспа. Како, на пример, на веб-страницата на Шведската амбасада во Атина, каде што е наведено дека „населението на земјата (Северна Македонија) ќе продолжи да се нарекува Македонци, но со додавање на „граѓани на Северна Македонија“, а јазикот ќе продолжи да се нарекува македонски.“ Во разговор со глуви вредноста на аргументите е никаква.

Градската библиотека во Гетеборг, која се соочи со непријатна дилема како да ја реши настаната ситуација, најпосле најде некакво свое „соломонско“ решение. Насловот на најавата на нивната официјална Фејсбук страница остана „Ден на македонската поезија“, во организација на Македонскиот сојуз во Шведска. Но, сите идентитески придавки во текстот отпаднаа. Наместо тоа, беше наведено дека учесниците во програмата ќе бидат „поети од различни националности“. Тоа е компромисната формулација што ја понуди шведската библиотеката, сакајќи веројатно да укаже, на чуден начин, дека прашањето за јазиците и националната припадност треба да се префрлат во некоја друга сфера, за која тие не се надлежни.

Ова, се разбира, е само еден пример кој, се чини, би можел во извесна смисла да биде и индикативен. Во Европската унија и понатаму постои прилично интересна контрадикција: ЕУ го прифати „македонскиот јазик“ како ознака во формалниот процес на пристапување, но во политичките кругови на ЕУ и понатаму не е постигната согласност околу историското прашање за потеклото на јазикот и македонскиот национален идентитет.

Вреди, сепак, да се потсети дека претседателката на Европската комија, Урсула фон дер Лајен, беше невообичаено јасна во врска со македонскиот јазик. Таа експлицитно во неколку наврати изјави дека ЕУ го почитува македонскиот јазик без никакви услови.

Најјасната нејзина изјава се случи во Скопје во јули 2022 година, кога зборуваше пред пратениците во македонското Собрание, нагласувајќи дека: „нема сомнение оти македонскиот јазик е ваш јазик, и ние целосно го почитуваме тоа.“

Таа, исто така, објасни дека ревидираната француска преговарачка рамка се однесува на „македонскиот јазик, без никакви услови од страна на Европската Унија“. Во исто време, рече дека принципот на самоопределување/самоидентификација е важен и дека процесот на преговори треба да го почитува националниот идентитет на земјата. Уште појасно во октомври 2022 година Фон дер Лајен изјави во Скопје дека ЕУ ветила целосно да го почитува „вашиот идентитет и вашиот јазик, односно македонскиот јазик“. А во 2023 година, отиде уште подалеку, кога за време на нејзината посета на Македонија рече: „Еден ден, ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и свој јазик.“ Укажувајќи притоа дека со приемот на Македонија во членството на ЕУ македонскиот јазик ќе се вброи меѓу официјалните јазици на Унијата.

Значи, ако прашањето е дали Фон дер Лајен лично зазела став за името и легитимитетот на македонскиот јазик, одговорот е многу јасен: Да. Таа јавно и постојано го нарекуваше македонски јазик и изјави во неколку наврати дека ЕУ го почитува без фусноти или резерви.

Но, работите, сепак, не се толку едноставни. Признавањето на името „македонски јазик“ во документите на ЕУ не е исто како и прашањето дали сите политички актери во ЕУ го прифатиле македонскиот историски и научен фундамент за потеклото и развојот на јазикот.

За разлика од ставовите на Европската комисија, во Европскиот парламент доаѓа до израз поголемо разногласие и спротивставени гледишта. Треба да се назначи дека Европскиот парламент не гласаше за резолуција со која се прогласува дека македонскиот не е посебен јазик. Сепак, експлицитната формулација за „македонски јазик и идентитет“, како што е познато, исчезна од конечниот текст. Без оглед што се слушнаа и конкретни и јасни мислење, на пример од страна на влијателниот холандскиот европратеник Тајс Ројтен, кој во јули минатата година многу експлицитно изјави за време на парламентарната дебата: „За македонскиот јазик и идентитет, да бидеме кратки: тие постојат и овој Парламент ги почитува.“

Во секој случај, во Европскиот парламент сè уште постојат политички сили кои активно се обидуваат да спречат документите на ЕУ да бидат сфатени како историско признавање на македонскиот јазичен идентитет. И информативната страница со факти на Европскиот парламент сè уште го опишува конфликтот меѓу Македонија и Бугарија како конфликт околу „идентитетот, јазикот и историјата“.

Можеби најзначајното не е тоа што ЕУ го кажува во однос на македонскиот јазик денес, туку, всушност, тоа што Бугарија сè уште се обидува да спречи употреба на терминот „македонски јазик“ од страна на ЕУ да добие значење на политичко/историско признавање.

Во крајна линија, постои прилично важна разлика помеѓу „ЕУ го користи името македонски јазик“ и „ЕУ го признава македонскиот историски наратив за развојот на јазикот и нацијата“. ЕУ во пракса го направи првото, но сè уште избегнува да заземе став за второто.

Веројатно би можело да се верува дека официјалниот третман на македонскиот јазик од страна на ЕУ би можел во наредниот период да стане уште посигурен и нормализиран, додека бугарскиот историски приговор може да продолжи паралелно. Бугарското негирање и спротивставување не мора во таа смисла целосно да исчезне за институционалната употреба на македонскиот јазик од страна на ЕУ да продолжи, станувајќи сè поочигледна.

Она што би можело да ја промени целата ситуација е, пред сè, членството во ЕУ. Тогаш прашањето повеќе нема да биде само за тоа како ЕУ го опишува јазикот во процесот на земја-кандидат, туку за македонскиот јазик како де факто официјален јазик на ЕУ. Иако, е секако прерано да се претерува со оптимизам во таа насока.

Или, пак, како што тоа би можело да се протолкува во контекстот на минатогодишното разгледување на извештајот на Европската комисија за Македонија, при што Зелената група во Европскиот парламент предложи формулација со која се признава дека постојат различни научни толкувања за потеклото на македонскиот јазик и идентитет, но во исто време се потенцира дека овие толкувања не треба да влијаат на проценката на Европскиот парламент за членството на Македонија во ЕУ.

Веројатно и Урсула фон дер Лајен нема посебни дилеми околу тоа.

 

 

Поврзани содржини