ТРАФОСТАНИЦАТА „ДУБРОВО“ ПРЕМИНА ВО ЦЕЛОСНА ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ Се решава и сопственичкиот статус на трафостаницата „Бунарџик“

Трафостаницата „Дуброво“ досега имаше двојна сопственост на МЕПСО и на ЕВН.

43

По речиси 50 години трафостаницата „Дуброво“ е впишана во државна сопственост, соопшти денеска Министерството за енергетика и рударство.

Трафостаницата досега имаше двојна сопственост на МЕПСО и на ЕВН.






Со ова, како што соопштија од Министерството за енергетика, се создаваат услови за сигурно одржување, модернизација и натамошен развој на една од клучните точки на преносната мрежа.

-Со ова, трафостаницата изградена во 1977 година, по речиси 50 години, првпат се евидентира со уреден сопственички статус во корист на МЕПСО. Ова не е само административно уредување на документација. Уредената сопственост е основа за планирање и реализација на идни инвестиции, реконструкции и модернизација на преносната мрежа, особено на инфраструктурата која има стратешко значење за сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем – велат од Министерството за енергетика.

Паралелно, се преземаат активности за уредување на имотно-правниот статус на ТС 110/20 kV Бунарџик, каде што е во тек подготовка на договор за отстапување без надоместок на ½ идеален дел од недвижниот имот на име на АД МЕПСО.

Уредувањето на овој имот ќе овозможи создавање на услови за реализација на новиот 110 kV далекувод ТС Бунарџик – ТС Миладиновци, значаен за стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во Македонија.

Министерството продолжува со системско расчистување на имотно-правните прашања на електроенергетската инфраструктура, со јасна цел: она што со децении било нерешено да се уреди, за да може државата да инвестира, модернизира и да ја зајакнува преносната мрежа.

Поврзани содржини