УТРАТА СЕ СПУШТААТ КОН НУЛА, A ПРЕКУ ДЕН ДО 27 СТЕПЕНИ Есента покажува различни лица во Македонија
УХМР најавува релативно стабилен период со сончеви периоди, но и постепено посвежи утра, додека дневните температури ќе останат во рамките на просекот.
Под влијание на поле со висок воздушен притисок, Македонија ја очекува период на релативно стабилно време, но утрата ќе стануваат значително посвежи, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Утре, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од северен правец, кој во североисточните делови повремено ќе засилува.
Утринските температури ќе се движат од 3 степени во Берово до 14 степени во Гевгелија, додека максималните дневни температури ќе бидат во интервал од 18 степени во Маврово до 27 степени во Гевгелија.
Во Скопје се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Температурата ќе се движи од 9 до 26 степени.
Во следниот период ќе има сончеви периоди во текот на денот, но утринските температури ќе бидат пониски и на одредени места ќе се доближат до нулата. Дневните температури ќе останат во рамките на просекот за овој период од годината.
Во четврток се очекува сончево време со мала облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 2 до 12 степени, а максималните од 18 до 26 степени.
Променливо облачно со сончеви периоди ќе биде и во петок. Ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер, претежно од северен правец. Утринските температури ќе бидат од 2 до 11 степени, додека дневните ќе достигнат од 16 до 25 степени.
До недела ќе продолжи да дува слаб до умерен ветер од северен правец, по што се очекува промена на правецот и ветер од југ.