7 ПОЛЈАЦИ СО ЧЕТИРИЦИКЛИ УПАДНАЛЕ ВО ВОЕНИ МАГАЦИНИ ВО ТЕТОВО Уапсени се четворица, по тројца се трага
Војниците кои биле на стража на лице место задржале 4 лица, сите државјани на Полска, додека други 3 лица со четирицикли се дале во бегство, соопшти полицијата.
Четири лица, сите државјани на Полска, се уапсени откако со четирицикли влегле во просторот на воените магацини во Тетово, а претходно ја оштетиле влезната врата на објектот.
„На 28.9.2026 во 18:24 часот, од страна на Воената полиција на АРМ, во СВР Тетово е пријавено дека во местото викано Еребино, каде се наоѓаат воени магацини, повеќе лица со четирицикли ја оштетиле влезната врата од објектот. Војниците кои биле на стража на лице место задржале 4 лица, сите државјани на Полска: Х.М.А. (55), Д.К.В. (55), К.В. (41) и К.Ј.Р. (36), додека други 3 лица со четирицикли се дале во бегство“, соопшти полицијата.
Четирите лица се лишени од слобода поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело Неовластено влегување во воени објекти, по член 350 од Кривичниот законик.
„Се преземаат мерки за пронаоѓање на останатите три лица и по документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци“, соопшти полицијата.