КАМЕН-ТЕМЕЛНИК ЗА „ЧЕБРЕН И ГАЛИШТE“ ВЕЌЕ СЛЕДНАТА ГОДИНА Мицкоски информира дека и DFC сака да инвестира во проектот

Премиерот смета дека придобивките на земјава од изградбата на овој хидроенергетски проект се повеќекратни.

1

Вистинско време е државата да направи похрабар чекор и да биде инвеститор на проектот „Чебрен и Галиште“, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој рече дека има заинтересирани финансиски институции кои сакаат да инвестираат во тој проект и ако се биде како што треба, може да се очекува следната година да биде ставен камен-темелник.






– Ценам дека имаме финансиски институции кои сакаат да го финансираат овој проект, а една од нив е и развојно-финансиска институција на Владата на САД, DFC, со финансиско портфолио над 220 милијарди долари во овој момент. Разговаравме со Каролин Вик, одговорна за развојни проекти, тие се веќе присутни преку грант за развоен проект – „Крстов дол“, рудникот за антимон, со пет милиони долари. Јас очекувам дека ќе обезбедиме финансирање на овој проект. Според нашите пресметки внатрешната стапка на поврат на проектот е двоцифрена и нето сегашната вредност е исто така одлична. Тоа е проект што ќе трае повеќе влади, не е проект што една влада ќе го почне и ќе го заврши – рече Мицкоски.

Тој додаде дека со реализирањето на овој проект земјава ќе има повеќекратен ефект.

– Најпрвин е добар за енергетскиот систем, бидејќи ќе биде одличен резервоар на енергија. Понатаму, имајќи ги предвид климатските промени, ќе имаме дополнителни количини вода што сега ги немаме, ќе може да се користат за повеќе намени, меѓу другото и за наводнување на Тиквешко Поле, односно за обезбедување дополнителни количини вода за наводнување на посевите -рече Мицкоски.

Тој очекува веќе следната година да почне реализацијата на проектот.

-Ако биде се како што треба очекувам следната година да ставиме камен-темелник – рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ „Ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3“.

Поврзани содржини