ИРАН ДЕМАНТИРА, БРИТАНИЈА ИСТРАЖУВА МОЖНА ВРСКА СО ТЕХЕРАН Петмина Британци уапсени кај американската воена база Ферфорд
Петмина британски државјани се уапсени во близина на Ферфорд по пријава за три сомнителни комбиња, додека антитерористичката полиција проверува повеќе можни мотиви, меѓу кои и евентуална поврзаност со Иран.
Британските антитерористички служби истражуваат дали Иран стои зад наводниот заговор за напад врз воздухопловната база Ферфорд, која ја користат американските сили за операции против Иран, објавуваат британски медиуми.
Според „Телеграф“, британската полиција смета дека иранска вмешаност е една од водечките можности во истрагата. Весникот, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека доколку Техеран навистина бил поврзан со заговорот, постои можност да станува збор за подиректна вмешаност, наместо за користење криминални посредници, како што се случувало во претходни случаи.
Полицијата, сепак, официјално нема потврдено дека Иран стои зад инцидентот. Антитерористичката полиција соопшти дека истрагата е во рана фаза и дека се разгледуваат повеќе можни насоки, вклучително и мотивот на уапсените.
Петмина мажи беа уапсени во неделата во областа Вхелфорд, во близина на Ферфорд, откако полицијата добила пријава за три сомнителни бели комбиња кои се движеле кон базата. Сите петмина се британски државјани од Лондон, во своите дваесетти години, потврди антитерористичката полиција.
Првично биле уапсени под сомнение за прекршоци според Законот за експлозиви, а потоа и под сомнение за подготовка на терористички акт. Истрагата ја води британската антитерористичка полиција, а истражителите ги испитуваат околностите околу нивното движење, нивното знаење за настанот и можниот мотив.
Инцидентот предизвикал голема безбедносна операција. Околу 85 домаќинства во блискиот Вхелфорд биле евакуирани, а бил воспоставен безбедносен кордон од околу 400 метри околу возилата. Во проверката на комбињата бил вклучен и тим на британската армија за деактивирање експлозивни направи, кој користел роботска опрема.
Според „Телеграф“, апсењата не биле дел од однапред планирана полициска операција и не биле извршени врз основа на конкретна разузнавачка информација. Според други извештаи, полицијата била алармирана откако граѓанин забележал сомнително однесување во близина на базата.
Ферфорд има особено значење во актуелниот конфликт бидејќи британската база ја користат американски бомбардери за операции против Иран. Токму поради тоа, можната иранска поврзаност се разгледува како една од линиите на истрагата.
Иран, меѓутоа, категорично ја отфрла секоја поврзаност со случајот.
Иранската амбасада во Лондон соопшти дека „категорично ги отфрла и остро ги осудува“ шпекулациите дека Техеран е вмешан во инцидентот во близина на Ферфорд.
Амбасадата на социјалната мрежа „Икс“ ги оцени како „неосновани и злонамерни“ наводите со кои Иран се поврзува со апсењето на петтемина мажи. Иранската страна предупреди дека ваквите тврдења, според неа, придонесуваат за ширење на „ирaнофобична пропаганда“ во Велика Британија.
Британските власти засега не објавиле дека имаат докази со кои се потврдува иранска вмешаност. Истрагата продолжува, а полицијата ги испитува сите околности околу тројцата возачи на комбињата, нивната намера и евентуалната поврзаност со странска држава или друга организација.
Во меѓувреме, по инцидентот безбедносните мерки околу Ферфорд се засилени, а американската амбасада во Велика Британија ги повика американските граѓани да бидат внимателни.