БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГИ РАЗБРАНУВА СИНДИКАТИТЕ Во Франција следува голема мобилизација

Француските синдикати бараат зголемување на платите и подобри услови за работа, откако премиерот Себастијан Лекорни најави замрзнување на индексниот бод и буџетски заштеди од околу 54 милијарди евра.

0

Во Франција за утре е најавен голем штрајк и протести на државните службеници, откако осумте репрезентативни синдикални организации повикаа на мобилизација поради најавените буџетски мерки за 2027 година, особено замрзнувањето на платите во јавниот сектор.

Мобилизацијата доаѓа пред претставувањето на предлог-буџетот за 2027 година, кој премиерот Себастијан Лекорни најави дека ќе биде разгледан во Советот на министри на 1 октомври. Владата планира буџетски напор од околу 54 милијарди евра, со цел да го ограничи растот на јавната потрошувачка и да го намали дефицитот.






Една од мерките што предизвика најголемо незадоволство кај синдикатите е одлуката да биде замрзната вредноста на индексниот бод за платите на државните службеници и во 2027 година. Според најавите на владата, со оваа мерка би се обезбедиле околу две милијарди евра за буџетот.

Тоа би била четврта година по ред без општо зголемување на вредноста на индексниот бод, кој е еден од клучните параметри за пресметување на платите на француските државни службеници. „Ле Монд“ објави дека синдикатите остро се спротивставуваат на новото замрзнување и бараат мерки за зголемување на платите и подобрување на условите за работа.

Генералната секретарка на синдикатот CFDT, Марилиз Леон, предупреди на незадоволството меѓу државните службеници и ја истакна важноста на платите и признавањето на нивниот труд.

Синдикатите бараат општи мерки за зголемување на платите, значително зголемување на вредноста на индексниот бод и негово поврзување со инфлацијата. Тие бараат и промени во платните скали, враќање на гаранцијата за индивидуалната куповна моќ, како и целосно задржување на платата за време на боледување.

Во штрајкот и протестите треба да учествуваат вработени од различни делови на јавниот сектор, меѓу кои пожарникари, здравствени работници, наставници и други службеници. Синдикатите велат дека нивните барања се однесуваат и на обезбедување доволно средства за непречено функционирање на јавните услуги.

Лекорни, од друга страна, ја брани потребата од значителен буџетски напор. Тој предупреди дека без дополнителни мерки за заштеда, францускиот буџетски дефицит во 2027 година би можел да надмине 6,5 отсто од БДП, додека владата постави цел тој да биде намален на 5 отсто.

Покрај замрзнувањето на индексниот бод, владата планира заштеди и во други области, вклучително и во буџетот на Министерството за труд, каде што е предвиден буџетски напор од 2,5 милијарди евра.

Синдикатите, сепак, сметаат дека вработените во јавниот сектор не треба да го понесат товарот на буџетското приспособување и најавуваат масовно учество на мобилизацијата на 29 септември.

Поврзани содржини