ДАЛИ АЛИ АХМЕТИ СВЕДОЧЕЛ ПРОТИВ ОВК ВО ХАГ? Лидерот на ДУИ доби многу непријатно прашање од ВЛЕН

ВЛЕН бара Али Ахмети јавно да одговори што содржи неговиот исказ пред Специјализираните совети во Хаг и дали тој имал каква било улога во обвинението против поранешните лидери на ОВК.

0

Дали Али Ахмети сведочел против Ослободителната војска на Косово во Хаг и дали неговиот исказ имал каква било улога во обвинението против поранешните лидери на ОВК? Ова е едно од прашањата што ВЛЕН му го поставува на лидерот на ДУИ, откако Специјализираните совети во Хаг ги осудија Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Од ВЛЕН велат дека го споделуваат разочарувањето од пресудата против поранешните лидери на ОВК и нагласуваат дека, без оглед на судската одлука, нивниот став за војната на ОВК не се менува.






„Војната на Ослободителната војска на Косово беше праведна и ослободителна војна против режимот кој го убиваше, протеруваше и прогонуваше народот на Косово“, велат од ВЛЕН, додавајќи дека оваа вистина, според нив, ја знаат Косово, Албанците и меѓународната заедница.

Од партијата, сепак, го пренасочуваат фокусот кон ДУИ и Али Ахмети. Тие обвинуваат дека ДУИ се обидува да ја искористи темата за ОВК за политички цели и го оспоруваат претставувањето на најавениот марш како надпартиски.

„Ако навистина сакаат да протестираат за поранешните лидери на ОВК, тогаш протестот би требало да биде токму против ДУИ и улогата на нејзиниот претседател, Али Ахмети“, велат од ВЛЕН.

Во соопштението партијата порачува дека ОВК „не е сопственост на ДУИ“ и бара јавни одговори од, како што ги нарекува, „лобистите за основање на Специјалниот суд“.

Меѓу клучните прашања што ВЛЕН ги упатува до Ахмети е и тоа што содржи досието на Специјализираните совети во Хаг што се однесува на неговото сведочење.

Oд ВЛЕН прашуваат и каков договор, според нив, бил понуден во замена за поддршката за основањето на Специјалниот суд, како и дали Специјализираните совети и иницијативата „Отворен Балкан“ имаат „заеднички именител“.

Посебно внимание посветуваат на различните јавни изјави на Ахмети за неговата улога во постапката во Хаг.

„Зошто Али Ахмети ја менуваше квалификацијата на својата улога во постапката пред Специјалниот суд, еднаш велејќи дека бил сведок, а другпат дека не бил сведок во постапката?“, прашуваат од ВЛЕН.

На крајот, од партијата го поставуваат и најдиректното прашање: дали сведочењето на Али Ахмети послужило како основа за подигнување на обвинението против раководството на ОВК од страна на Специјалниот суд во Хаг?

Ахмети во 2020 година јавно објави дека Специјализираните комори на Косово го повикале како сведок, а во септември истата година го заврши дводневното испрашување. Во интервју во 2026 година, пак, тој изјави дека „не бил таму како сведок“, туку како еден од основачите на ОВК и водачите на ЛПК, додавајќи дека инсистирал неговиот исказ да биде објавен по завршувањето на процесот.

ВЛЕН бара одговори токму за оваа разлика во јавните изјави, како и за евентуалната содржина и улога на исказот на Ахмети во постапките во Хаг.

„Овие и многу други прашања продолжуваат да тежат врз оние кои не оставиле ништо што не го злоупотребиле“, велат од ВЛЕН.

Поврзани содржини