📽️ ШВЈОНТЕК ПОБАРА СОВЕТ ОД ЃОКОВИЌ Ноле во улога на тренер ѝ објасни како да стои при ритернот
Полската тенисерка му пристапила на Ѓоковиќ со прашање за ритернот, а Новак детално ѝ објаснил како со текот на годините ја менувал позицијата при враќањето на сервисот.
Новак Ѓоковиќ, еден од најуспешните тенисери во историјата, покажа дека можеби би можел без проблеми да се снајде и во тренерските води.
Српскиот тениски ас годинава се враќа во Пекинг, каде што остварил големи успеси во кариерата. Турнирот „China Open“ од серијата АТП 500 ќе се одржи од 30 септември до 6 октомври, а Ѓоковиќ во кинеската престолнина се враќа по пауза од 11 години. На турнирот настапувал шестпати и секогаш го освојувал трофејот.
Во Пекинг во овие денови е и Ига Швјонтек, поранешната најдобра тенисерка во светот, која побара совет од Ѓоковиќ за една од најважните компоненти во нејзината игра – ритернот, односно позицијата при враќањето на сервисот.
Ѓоковиќ детално ѝ објасни на полската тенисерка како со текот на годините ја менувал позицијата при ритернот.
– Како што реков, стојам малку пошироко, се трудам малку повеќе да ги отворам стапалата. Кога бев помлад, стоев малку повеќе вака – објасни Ѓоковиќ, покажувајќи ја поранешната позиција.
Потоа покажа како стоел пред пет-шест години, а на крајот и како е поставен денес.
– А сега сум вака. Еволуира, се менува – додаде српскиот тенисер.
Во тие моменти покрај Ѓоковиќ бил и неговиот тренер Виктор Троицки, па Новак се пошегувал на сметка на ситуацијата.
– Ќе разговараме уште. Мојот тренер е тука, го чувствувам. Голем притисок – низ смеа рекол Ѓоковиќ.
Швјонтек му се заблагодарила за советот, а Ѓоковиќ ѝ одговорил дека нема проблем и дека со задоволство ќе помогне. Според снимката од разговорот, токму полската тенисерка му пристапила со прашање за позицијата при ритернот.
Novak Djokovic teaching Iga swiatek about the return positions…pic.twitter.com/F8VIQR63Id
— SK (@Djoko_UTD) September 26, 2026
Швјонтек во моментов е деветта на ВТА-листата. Во кариерата освоила шест гренд слем-титули – четири на Ролан Гарос и по една на Вимблдон и на УС Опен.
Полската тенисерка е и една од најголемите ривалки на Арина Сабаленка, која е блиска пријателка на Ѓоковиќ.
Швјонтек и Сабаленка досега одиграле 13 меѓусебни дуели, а Полјачката има предност од 8-5 во победи.
Ѓоковиќ, пак, во Пекинг ќе го одигра својот прв турнир по настапот на УС Опен, а на „China Open“ се враќа на местото каде што има совршен учинок од 29 победи во 29 меча.