ЗЕМЈОТРЕС ЈА ЗАТРЕСЕ ПРЕСПА Потресот почувствуван во Битола и во околината
Потресот бил регистриран во 14 часот и 4 минути, со епицентар во епицентралното подрачје Преспа, на околу 127 километри југозападно од Скопје.
Земјотрес со локална магнитуда од 3,3 степени според Рихтеровата скала денеска во 14 часот и 4 минути ја затресе областа на Преспа, а потресот бил почувствуван и во Битола и околината.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентарот бил во епицентралното подрачје Преспа, на околу 127 километри југозападно од Скопје.
Земјотресот бил почувствуван во југозападните делови на земјава, особено во Битола и околината, со интензитет од III до IV степен според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија ги повикуваат граѓаните кои го почувствувале потресот да се јават на телефонскиот број 112, со цел нивните податоци да бидат искористени за сеизмолошките истражувања.
Опсерваторијата и претходно во септември регистрираше потреси почувствувани во југозападниот дел на земјава, меѓу кои и земјотресот од 2,9 степени на 24 септември, кој беше почувствуван во Битола, Ресен и околината.