САУДИСКА АРАБИЈА ЌЕ РАЗВИВА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ? Трамп потпиша договор со Ријад за поддршка на цивилна нуклеарна програма
Проценките ги зголемија загриженостите кај некои американски пратеници во врска со договорот на претседателот Доналд Трамп со Ријад за поддршка на цивилна нуклеарна програма.
Американските разузнавачки служби доставија документ до Конгресот, според кој Саудиска Арабија не ја исклучува можноста за развој на сопствена програма за нуклеарно оружје. Информацијата ја објави „Вашингтон пост“, кој се повикуваше на американски официјални лица.
Проценките ги зголемија загриженостите кај некои американски пратеници во врска со договорот на претседателот Доналд Трамп со Ријад за поддршка на цивилна нуклеарна програма. Постојат стравувања дека договорот би можел да создаде можности за развој на нуклеарно оружје и да предизвика трка во вооружување на нестабилниот Блиски Исток, наведува весникот.
Договорот им овозможува на американските компании да започнат проекти за нуклеарна енергија во Саудиска Арабија. Администрацијата на Трамп очекува договорот да ги зајакне односите меѓу САД и Саудиска Арабија и да ја ограничи способноста на кралството да ја продлабочи соработката со Русија и со Кина.
Конгресот моментално е во 90-дневен период за преглед на договорот. Пратениците би можеле да донесат закон за да го блокираат доколку можат да ја соберат потребната поддршка.
Група демократски сенатори, предводени од Ед Марки и Џеф Меркли, испратија писмо до државниот секретар Марко Рубио, велејќи дека администрацијата на Трамп го напушта својот сегашен пристап и усвојува порелаксиран режим на ограничувања.
„Овој процес речиси сигурно ќе му овозможи на Ријад да се стекне со средства за збогатување ураниум и евентуално развој на нуклеарно оружје“, се наведува во писмото на сенаторите. Според американските претставници, Стејт департментот бил вклучен во подготовката на класифицираните документи испратени до Конгресот во август и има попозитивна оценка за заштитните мерки и гаранциите од саудиската влада.
Нема директен одговор од Ријад на објавата на весникот. Саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман претходно изјави дека програмата ќе биде „мирна“ и ќе се развива „со највисок степен на одговорност и транспарентност“.
Американскиот Стејт департмент изјави за „Вашингтон пост“ дека Вашингтон „не ја поддржува и нема да ја поддржува саудиската програма за нуклеарно оружје“.