🎥 МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗНААТ КАДЕ ПРИПАЃААТ – СО НАТО, ЕУ И СО САД Мицкоски од говорницата на ООН
Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, ги претстави трите главни стратешки определби на државата.
– Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност – рече премиерот Мицкоски во обраќањето на 81. Генерално собрание на ОН.
Но, наведе Мицкоски, јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот.
– Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи. На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок – порача премиерот Мицкоски.
Петседателот на Владата Христијан Мицкоски во заклучоците на своето обраќање пред Обединетите нации, се осврна на идентитетските прашања и прашањата на историјата.
– Ваши екселенции, ние сме мала земја. Но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа. За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност – рече Мицкоски.
Претседателот на македонската влад го цитираше генералниот секретар на ОН и неговото ставање акцент на народите, независно од нивната големина.
– Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен – истакна премиерот Мицкоски во обраќањето пред Генаралното собрание на ОН во Њујорк.
Мицкоски во својот говор рече дека процесот на евро-интеграција трае надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
– Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви. И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право — нешто што многумина го земаат здраво за готово — доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата — често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда. Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска – истакна премиерот Мицкоски.
Тој упати повик до Европската Унија, кога веќе бара од помалите земји – кандидатки да ги почитуваат нејзините правила, и таа самата да ги почитува правилата кои што ги поставила.
– Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина – порача Мицкоски од говорницата на Обединетите нации.
Мицкоски во обраќањето ја опиша Македонија како мултиетничка и мултиконфесионална држава, во која Македонците, Албанците и припадниците на другите заедници, како и христијаните и муслиманите, живеат заедно.
– Јас доаѓам од мултиетничка и мултиконфесионална земја каде што Македонците, Албанците и другите, каде што христијаните и муслиманите живеат еден до друг во мир, во единство и во кохезија. И јас сум горд на тоа – рече Мицкоски.
Говорејќи за владините приоритети, тој особено се осврна на инфраструктурното поврзување и стратешката позиција на земјата. Според него, Македонија се наоѓа на крстопатот на два паневропски коридори – Коридор 10 и Коридор 8.
– Нашата најголема предност е фактот што сме природна раскрсница на два пан-европски коридори, Коридор 10 и Коридор 8 – истакна премиерот.
Тој посочи дека владин приоритет е развојот на патната, железничката и енергетската инфраструктура, со изградба на нови автопати и експресни патишта, како и унапредување на железничката мрежа.
Мицкоски говореше и за енергетското поврзување, при што го спомена поврзувањето на енергетскиот терминал Александруполи во Грција со Северна Македонија и понатаму кон север, кон Централна Европа.
Во делот на економијата, премиерот ги презентираше податоците за растот на БДП. Тој рече дека 2024 година била завршена со реален раст од околу 3 проценти, додека номиналниот раст бил над 6,5 проценти.
За 2025 година, според неговите зборови, растот на БДП бил над 3,5 проценти, со номинален раст над 8 проценти.
Мицкоски се осврна и на податоците за 2026 година, посочувајќи дека во првата половина од годината реалниот раст на БДП бил над 3,7 проценти.
– И сега, во првата половина од оваа година, 2026, растот на БДП е над 3,7%. Последните податоци за вториот квартал беа реален раст на БДП – рече Мицкоски.
Во обраќањето тој истакна дека Владата, како што рече, е фокусирана на развојот на инфраструктурата, енергетското поврзување и економскиот раст.