СРБИ НАПРАВИЛЕ „СОБА ЗА МАЧЕЊЕ“ ВО ВИЛА ВО ШПАНИЈА Еден маж истрчал крвав и викал „Сакаат да нè убијат“

Седуммина српски државјани се уапсени откако полицијата ослободила двајца мажи од вила во Естепона.

189

Една порака пред состанокот ја одвела шпанската полиција до луксузна вила на Коста дел Сол, каде што открила двајца претепани заробеници и просторија подготвена за мачење.

Уапсени се седуммина државјани на Србија, а истрагата ги поврзува со организирана криминална група која се занимавала со трговија со дрога и изнуда.






Сè почнало кога еден Мароканец заминал на состанок во куќа во Естепона. На партнерката претходно ѝ оставил необична инструкција: ако не ѝ се јави во договорениот рок, да ја повика полицијата.

Кога повикот не стигнал, таа го направила токму тоа.

Полицајците дошле на адресата, но никој не ја отворил вратата. Поради сомнеж дека нечиј живот е загрозен, влегле во имотот.

Тогаш од куќата истрчал гол и крвав маж.

– Нè киднапираа, ќе нè убијат! – викал тој, според извор близок до истрагата.

Зад вратата нашле соба обложена со фолија

Полицајците повикале засилување и влегле во вилата. Внатре затекнале уште еден маж, врзан за стол и крвав.

Една просторија била целосно обложена со пластична фолија. Истражителите таму пронашле стол, клешти, чекан, остатоци од леплива лента и оружје. Според извори од истрагата, пластиката служела за да не остануваат траги од крв.

Во вилата биле пронајдени и две автоматски пушки АК-47, пиштоли и пиштол со придушувач.

Полицијата уапсила седуммина српски државјани. Судот ги испратил во притвор, а меѓу делата што им се ставаат на товар се киднапирање и мачење.

Трагата води кон трговија со дрога

Шпанските истражители ја поврзуваат групата со трговија со кокаин и хашиш, како и со изнуда. Нејзините активности се протегале низ Коста дел Сол, Кампо де Гибралтар и источниот дел од Шпанија.

Дел од уапсените претходно биле евидентирани за насилни грабежи и трговија со дрога. Истражителите проверуваат и други можни криминални активности на групата.

Двајцата ослободени мажи се државјани на Мароко и Шпанија. Полицијата продолжува да ја истражува криминалната мрежа и нејзините соработници.

Поврзани содржини