📽️ „НЕМАМЕ УШТЕ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ДА ЧЕКАМЕ“ Принцот Хари предупреди за влијанието на АИ врз децата, па среде говорот му откажа читачот
Војводата предвреме ја напушти сцената откако технички проблем го прекина неговото обраќање за вештачката интелигенција на годишниот состанок на „Clinton Global Initiative’s“ во Њујорк.
Принцот Хари испрати сериозно предупредување за вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз децата, велејќи дека светот не смее да ја повтори грешката направена со социјалните мрежи – да чека со години, а потоа да се обидува да ја поправи веќе направената штета.
Војводата од Сасекс зборуваше на годишниот состанок на „Clinton Global Initiative’s“ во Њујорк, на својот прв јавен настап во САД откако со Меган Маркл и нивните деца во август се вратија да живеат во Велика Британија. Пред присутните зборуваше пред сè како родител, потсетувајќи дека со години слушал приказни од родители чии деца биле сериозно погодени од социјалните мрежи.
– Зборувам за ова како татко – рече Хари, додавајќи дека не сака да се повтори истата приказна со новата технологија.
Тој потсети дека пред две години, на истиот настан, со Меган ја претставиле „The Parents’ Network“, иницијатива создадена преку нивната фондација Archewell, по средбите со семејства чии деца починале или претрпеле сериозна штета поврзана со социјалните мрежи. Хари рече дека оттогаш има одреден напредок, но предупреди дека развојот на технологијата повторно оди побрзо од заштитата на децата.
Според него, проблемот со вештачката интелигенција е што таа не се обидува само да го задржи вниманието на корисникот.
– Социјалните мрежи научија како да го привлечат нашето внимание. АИ учи како да навлезе во нашите односи. Не го сака само вашето внимание, туку ја сака вашата приврзаност – рекол Хари. Тој предупреди дека четботовите стануваат сè поперсонални и поубедливи, особено во моменти кога децата и младите можат да ги користат како доверливи соговорници.
Хари побара развојот на новите системи да не се одвива по принципот „прво да видиме што ќе се случи, па потоа да реагираме“. Според него, доколку не може да се докаже дека следната технолошка граница е доволно безбедна, не треба да се минува само затоа што е тоа технички возможно. Тој побара поголема транспарентност, јасни стандарди, одговорност на компаниите и вклучување на младите и луѓето со лично искуство во носењето одлуки.
– Добрата вест е дека докажавме дека притисокот функционира. Лошата вест е дека докажавме колку долго сме подготвени да чекаме – порача тој, предупредувајќи дека штетата врз една генерација веќе е направена и дека за следната технологија немаат уште десет години за да дознаат што ќе се случи.
Иронијата на неговиот настап беше што токму технологијата му направи проблем среде говорот. Телепромптерот престана да функционира, па Хари мораше да го прекине обраќањето и да ја напушти сцената. Околу 40 минути подоцна се врати за да го заврши говорот.
– АИ влезе во мојот говор, па ме замолија да излезам и да го завршам – се пошегувал Хари при враќањето на сцената.
Подоцна било потврдено дека станувало збор за технички дефект на телепромптерот.
На истиот настан, кој оваа година се одржува во Њујорк во рамките на Неделата на Генералното собрание на ОН, се разговара за повеќе глобални теми, меѓу кои вештачката интелигенција, климатските промени, енергијата, здравството и хуманитарните прашања.
Хари својот настап го заврши со потсетување на семејствата со кои тој и Меган се сретнале пред две години, кога зборувале за деца погодени од негативните последици на социјалните мрежи.
– Пред две години ги донесов овие семејства тука како предупредување. Не сакам да се вратам со уште повеќе. Затоа овојпат, да реагираме први – порача тој.