НА УЧИЛИШТЕ ОД 8 ДО 16:30 ЧАСОТ!? Едносменска настава и дневен престој се клуч за успех

Светските истражувања јасно покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во училишна средина постигнуваат значително подобри резултати – рече министерката Јаневска.

0

Ниту еден наставник со договор на неопределено време не остана без работа по фузијата на околу 450 паралелки во основното и средното образование, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ, истакнувајќи дека вишокот кадар ќе се апсорбира преку воведувањето на целодневен престој за учениците низ целата држава.

Според Јаневска, идеата е учениците да престојуваат во училиште од 8 до 16:30 часот, каде што покрај редовните часови, ќе имаат слободни и интерактивни активности, секции, како и време за изработување на домашните задачи.

– Престојот во училиште не значи само учење. Таму децата ќе можат да изучуваат странски јазици, балет или спорт, а кога ќе си заминат дома, нема да имаат дополнителни обврски или тешки ранци, туку ќе можат целосно да му се посветат на семејството. Светските истражувања јасно покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во училишна средина постигнуваат значително подобри резултати – објасни министерката.

Фото: Принтскрин





Во однос на инфраструктурните предизвици и спроведувањето на едносменската настава, Јаневска истакна дека над половина од училиштата во земјава веќе работат во една смена (583 основни и 37 средни училишта). Како најкритична точка останува Скопје поради постојаните миграции, но Министерството веќе работи на доградба на нови училници и проширување на капацитетите.

Таа додаде дека за успех во образованието е неопходен континуитет, наместо чести промени на политиките со секоја нова гарнитура, за да може да се извлече барем една целосна генерација и да се проценат вистинските резултати од реформите.

Поврзани содржини