„Лекции“ по демократија
Оваа македонска веќе трагикомична „демократија“ и во овие пост-празнични приказни на мигови заличува на бескрајна фарса во која што граѓанинот е маргинализиран до крајни граници, истите „структури“ го тормозат со нивните вечно новооткриени теории за топлите македонски води под коишто се крие само безочна битка за превласт врз буџетот и другите државни ресурси.
Најголеми и најзаслужни демократи (или „демократи“, како сакате) кај нас по онаа 1990 година станаа најтврдокорните „болшевици“, подопашните комунистички подлизруковци и најцрните слуги на тогашниот режим. А меѓу нив тогашната „елита“: полуписмени универзитетски професори, битпазарски обвинители и судии и онаа најгадна „фела“ викана „општествено-политички работници“ а всушност гласноговрници на режимот. Преку ноќ се преоблекоа и почнаа да држат лекции за – демократијата! И за „нашиот пат“ кон иднината.
Но, речиси по правило, врз сосема погрешни премиси и пракса и со крајно проблематичен политички и стручен потенцијал. И тоа трае до денес.
Не можете да одречете дека оние кои говорат (на пример Героски) дека „Референдумската волја на македонскиот народ за суверена држава е пламен што мора да се чува, да се разгорува и да се слави“ или дека „независноста (…) го поткрена духот на нацијата“ имаат право. Но граѓаните (вклучувајќи ја и мојата дребност) тогаш гласаа – за зборови. Нема да речам пароли, но сепак поимите независност, сувереност, самостојност, демократија… не ни беа баш толку туѓи. Но, на пример, капитализам – да, нато (малите букви се…) особено – да, па и еу (тогаш ЕЗ) за најголемиот број гласачи беа само наметнато привлечни но реално прилично магловити поими.
Тие, за жал, се тоа и денес ако читате некои актуелни „мисли“ дека, на пример, ние „сме запретани во транзиција на општественото уредување од едно во друго, од наводно феудално-социјалистичко кон капиталистичко-модерно и цивилизирано…“ (sic)! Па ве молам, „феудално-социјалистичко“, или „капиталистичко-модерно и цивилизирано“…?! Згора и дека „некои подмолни ветришта и маглини ’од негде-некаде’ се испречија на нашиот пат“.
Тие не се испречија „од негде-некаде“ туку токму од оние кои онака се расфрлаа со зборови, а ние им верувавме. Додека говореа – сите, до еден! – тие размислуваа за дела, но не онакви какви што ветуваа. Размислуваа за долгорочното осигурување на личната и семејната иднина врз грбот на државните ресурси, континуирано трансакцирани на сметките на оф-шор локации. Затоа и ги оставија оние преоблечени „структури“ со крајно проблематичен политичко-демократски и стручен потенцијал како база за личната „надградба“! И тие се и денес тука, им ги вршат измеќарските работи, носат пресуди, „раководат“ со државните ресурси, до пензија (ќе) „предаваат“ (или продаваат, како сакате) на државните универзитети…
Сѐ во интерес на независноста, самостојноста, сувереноста… и материјалното богатство на една номенклатура! За граѓанинот останаа само прашинки од некогашната духовност и онаа утеха од плебисцитарно изразената волја. И секојдневните лекции за подоброто утре! Меѓу нив и за демократијата. Онаа што ќе дојде, некогаш, односно кога оние ќе (решат да) ни ја донесат.
Целиот потенцијално ветен „демократски систем“ ни беше дозиран со мали лажички, во количества по избор на политикантските првенци, за да не ни дојде одеднаш премногу. Односно, за прво тие да ги средат нивните планирани работи, како на пример приватизацијата на целата држава – процес од којшто секој од тие криминалци добиваше дебели проценти/провизии додека „плебсот“ ринташе за минимална плата. Но, впрочем, токму оттаму и идејата за некаква поделба на елитна номенклатура и плебс, на работници и газди, на граѓани и политиканти… Сето тоа во праксата беше поддржано од соодветните претходно спомнати „структури“ – академската, судско-обвинителската и медиумската армија платени арамолебци, до денешен ден вгнездени во самото срце на системот.
Некои и денес се спремни овие триесет и пет години да ги припишат на неискуството, геополитиката, „меѓународниот фактор“ итн., што е само лоша шега и вид на себеоправдување за наивноста и незнаењето. Па оттука и тезите дека „меѓународната структура на моќта јасно го покажуваше патот кон безбедноста и просперитететот“. Тоа се само бабини деветини и прикривање на процесот на грабеж прекрстен во транзиција којашто, еве, трае до денес.
А истите грабливци и понатаму ни солат памет за некакво „најголемо историско промашување“ и создавање на „суров капитализам од американски тип“! Како тоа да го спроведуваа некои вонземјани од далечната Алфа Кентаури а не токму оние ликови кои не само што себеси се инсталираа како некакви државотворни наследници туку ни октроираа и цел систем платеници кои деноноќно работеа само за нив. И затоа кога денес слушаме бајки за некакви заслужни протагонисти на патот на независноста а пред себе ги гледаме резултатите од тој процес, остануваме затечени во сопствената глупост и наивност.
И забораваме дека, како што вели Бакман, тие исти ликови беа платени многу бидејќи од нив се очекуваше многу. А го добивме ова денес!
Но токму за тоа се оние „структури“ чувани како заштитено соцреалистичко наследство кои ќе ни држат лекции дека всушност сиот лом во државата се случува „последниве две години“, а особено „околу притисоците на политиката врз судството“ и промените „во обвинителството, во раководствата на судовите“, дека токму сега се заборавиле „препораките на Рајнхард Прибе“ (а божем се применувале до вчера, во времето на нивните газди!?), дека „институциите не постојат во оваа држава“ (иако токму тие се најзаслужни за нивната целосна девастација), сега во земјата владеат „неправда, обесправеност, омаловажување, подбивање, закани“ (а до вчера живеевме во идеална „хибридна држава“!), само кога друга политичка опција е на власт на граѓаните им се порачува „дека глас од срце не им се подарува на оние кои имаат потреба од мозок“ итн., итн.
И тоа трае, и трае…, соцреалистичката приказна продолжува со нивниот монопол не само на демократијата туку и на власта како таква, зашто секоја друга опција е опасна за нив и нивните инсталации. А ние треба само да слушаме и да бидеме умни кога ќе дојде денот за гласање зашто другиот по правило е вештерот што ја мати водата. А некогаш става и нездрави супстанци во неа. Како во Гостивар, на пример.
Затоа и оваа македонска веќе трагикомична „демократија“ и во овие пост-празнични приказни на мигови заличува на бескрајна фарса во која што граѓанинот е маргинализиран до крајни граници, истите „структури“ го тормозат со нивните вечно новооткриени теории за топлите македонски води под коишто се крие само безочна битка за превласт врз буџетот и другите државни ресурси. Во услови на отворен политикантски терор на негирање на другиот, веќе нѐ индоктринираат и за некаква „вистинска, либерална суштина“ која што само тие ја знаат и некогаш ќе ни ја испорачаат во вид на „демократија на активни, информирани граѓани“! Ако бидеме умни, се разбира, и ги слушаме нивните саморекламерски тиради дека тие се најубави, најумни, најспособни, најчесни…, како впрочем и во онаа 2017 година кога од државата направија закотвен прогрес.
И тогаш конечно ќе се одоброволат и ќе го пуштат во погон она „креирање јавни политики базирани на факти“, зашто досега ги „креираа“ со гледање на гравчиња. Или на кафе. И ние ќе бидеме среќни и весели како „когнитивно автономни граѓани“ во нивната железна прегратка. А тогаш, можеби, како што пелтечи еден од „структурите“, ќе добиеме и по едно радио за секој да може да вресне кога ќе посака. Зашто тоа било – демократија!
Иншалах!
Извор: Теодосиевски уметност