📽️ СТАРТУВАШЕ „ТРАМП ТВ“, ВЕДНАШ СТИГНАА РЕАКЦИИТЕ Новиот канал доаѓа по спорот со 3 медиумски гиганти

Белата куќа пушти 24-часовен видеоканал со говори, настапи и избрани снимки од администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп. Лансирањето доаѓа во чувствителен момент.

6

Трамп ТВ“ почна да емитува програма 24 часа дневно. Белата куќа го претстави новиот канал како едно место за најважните видеа, говори и моменти од администрацијата, со содржини што ќе се обновуваат во реално време.

Програмата го носи името „Trump TV: The Essentials Station“, а се емитува преку Јутјуб и официјалната страница на Белата куќа. Меѓу првите содржини беше реприза од говорот на Трамп од планината Рашмор.






– Гледајте ги најголемите моменти од администрацијата на Трамп на едно место. Најдобрите видеа, главните обраќања и избраните моменти се емитуваат 24 часа – порача Белата куќа при промоцијата.

Новиот канал стартува во време кога односите меѓу Белата куќа и дел од американските медиуми дополнително се заострија. Трамп во петокот им забрани пристап на новинарите на Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес Нау, обвинувајќи ги медиумите за, како што ги нарече, „лажни вести“.

3 медиуми веќе го тужат Трамп

Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес Нау во понеделникот поднесоа заедничка тужба против Трамп и неговата администрација. Тие тврдат дека одземањето на пристапот поради нивното известување ги нарушува правата гарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.

– Постапуваме за да ги заштитиме нашите права според Првиот амандман и принципот дека владата не одлучува за што медиумите ќе известуваат или што ќе објавуваат – соопштија трите медиуми во заедничката изјава.

 

Спорот се прошири и на телевизиското известување од Белата куќа. Еј-Би-Си, Си-Би-Ес, Ен-Би-Си и Фокс њуз се повлекоа од заедничкото телевизиско покривање во знак на солидарност со Си-Ен-Ен, по што дел од активностите на претседателот останаа без вообичаената независна телевизиска снимка.

„Лажни вести“

Лансирањето на „Трамп ТВ“ веднаш предизвика и политички реакции. Демократскиот гувернер на Калифорнија Гевин Њусом го критикуваше проектот и го поврза со претходното ограничување на медиумскиот пристап. Белата куќа, од друга страна, го промовира каналот како директно место за следење на содржините од администрацијата.

„Белата куќа не започнува напад врз слободниот печат, кој го ценам. Таа започнува напад врз лажните вести“, напиша Трамп во својата реакција на спорот со медиумите.

„Трамп ТВ“ веќе се емитува 24 часа преку Јутјуб и официјалната интернет-страница на Белата куќа, со најава дека програмата ќе се дополнува со нови видеа, говори и снимки од администрацијата.

Поврзани содржини