РАЗГОВОРИ ЗА СТРАТЕШКОТО ПАРТНЕРСТВО И ИНВЕСТИЦИИ ВО ВОЕНАТА ИНДУСТРИЈА Мицкоски одржа официјални средби со високи претставници на САД
Градиме односи засновани на меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која треба да носи резултати за граѓаните и за државата – напиша Мицкоски за средбите на својот профил на Фејсбук.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој деновите е во Њујорк, оствари официјална средба со заменик- државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау. На средбата присуствува и Брендан Харнахан, Помошник Државен секретар за Европа и Даниел Лотон, Заменик Помошник државен секретар за Европа – објави премиерот Мицкоски на својата фејсбук-страница.
„Средбата беше можност за отворен и суштински разговор за стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашањата од заеднички интерес за двете држави.
Во време на сериозни геополитички предизвици и промени во меѓународните односи, за нас е од исклучително значење да има силни, стабилни и принципиелни односи со своите стратешки партнери.
Соединетите Американски Држави се наш долгогодишен стратешки партнер и сојузник, а директната комуникација на високо политичко ниво е важен дел од натамошното зајакнување на тие односи.
Се разговараше за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, за економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и за улогата на земјава како сојузник во НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност.
Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери. Градиме односи засновани на меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која треба да носи резултати за граѓаните и за државата.
Особено значајно е што имаме директен и отворен дијалог со американската администрација. Ваквите средби се можност нашите позиции да бидат јасно претставени и македонските интереси да бидат слушнати таму каде што се разговара за важни регионални и глобални прашања“ – пишува Мицкоски.
Тој исто така информираше дека македонската делегација оддржала средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област.
„Разговаравме за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси.
Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности за инвестиции, технолошки развој и јакнење на домашните капацитети.
Македонија има потенцијал, ресурси и стратешка позиција кои можат да бидат основа за продлабочена соработка со Соединетите Американски Држави, во интерес на економскиот развој, безбедноста и стабилноста“ – пишува Мицкоски на својот профил на Фејсбук.


