ПАРТИЈАТА НА ПУТИН ГО СОБОРИ СОПСТВЕНИОТ РЕКОРД ВО ДУМАТА Го надмина и резултатот од 2016 година

„Единствена Русија“ го надмина сопствениот рекорд и го задржа уставното мнозинство во долниот дом на рускиот парламент. Изборите беа први по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година и поминаа без учество на партија што отворено се противи на војната.

79

Партијата „Единствена Русија“, која го поддржува претседателот Владимир Путин, освои рекордни 355 од вкупно 450 места во Државната дума, покажуваат прелиминарните резултати по преброени повеќе од 95% од гласовите. Партијата доби 57,83% од гласовите на партиските листи, наспроти 49,8% во 2021 година.

Со 355 пратеници, „Единствена Русија“ го надмина својот претходен рекорд од 343 места во 2016 година.






Уште поважно, повторно го надмина прагот од 301 пратеник потребен за уставно мнозинство, што овозможува усвојување уставни измени без поддршка од другите партии.

Комунистичката партија, според прелиминарните резултати, добива 40 места, ЛДПР 25, а „Нови луѓе“ 20. Излезноста достигна 59,32%, според руската Централна изборна комисија.

Изборите траеја 3 дена и беа први парламентарни избори во Русија од почетокот на целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година. „Јаблоко“, единствената регистрирана партија што повикуваше на крај на војната, беше исклучена од изборната трка на национално ниво.

Гласање беше организирано и во украинските територии под руска окупација, што дополнително предизвика критики од Европската Унија и Украина. ЕУ го оспори демократскиот карактер на изборите, посочувајќи ги ограничувањата на политичката конкуренција и гласањето на окупирана украинска територија.

Кремљ, од друга страна, резултатот го претстави како показател за обединетост околу Путин. Портпаролот Дмитриј Песков оцени дека бројките покажуваат високо ниво на консолидација на руското општество околу претседателот.

Изборите завршија и под сенката на голем украински напад со беспилотни летала. Според руските власти, во нападите загинале две лица, а била погодена и нафтена рафинерија во Москва.

Поврзани содржини