ВЛАДАТА НЕ ПРЕГОВАРА СО ОКТА ЗА ПОПУСТИ ЗА ГОРИВАТА Ако има потреба ќе се донесат дополнителни мерки

Министерката за енергетика вели дека ситуацијата со цените на горивата и нафтата редовно се следи.

93

Ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Одговорајќи на новинарски прашања, Божиновска напомена дека ситуацијата внимателно се следи.






– Тоа што се случува е на светско ниво. Како што следиме сите, секаде цените се покачени. Значи, тоа е виша сила, војна врз која ние не можеме да влијаеме. Минатата недела имавме вонредна онлајн-седница на Влада и откако почна сè, уште од март, направивме и акциза и намалување на ДДВ-то и со „Окта“ договоривме попуст. Го намаливме ДДВ-то на 10%. Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Влада. Влада имаме во вторник, ќе видиме како понатаму. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации врз буџетот. Ќе знаеме набргу – истакна Божиновска на прес-конференција.

Таа потврди дека во моментот има само една мерка.

– Да, намалување на ДДВ-то од 18 на 10%. Како што знаете, може да има и други намалувања. Тоа постои како мерка, Министерството за финансии ги прави фискалните мерки и ги донесува заедно на Влада – потенцира министерката.

Владата, информира таа, засега не преговара повторно со „Окта“ за попуст.

– Не сме почнале, меѓутоа ако ситуацијата ескалира и понатаму, ќе ги преземеме сите мерки за да го ублажиме ризикот кон граѓаните – рече министерката Божиновска.

Поврзани содржини