📷 УКРАДЕН СЕФ ОД 400 КГ, ОРУЖЈЕ И НАКИТ ВРЕДНИ 250.000 ЕВРА ВО ТЕТОВСКО Полицијата приведе четворица за серија тешки кражби
Четворица се осомничени дека провалувале во куќи во Боговиње. Двајца се во 48-часовен притвор, по двајца се трага.
Сеф тежок околу 400 килограми, пари, златен накит и оружје се дел од пленот во серијата тешки кражби во тетовско, за кои Обвинителството поведе постапка против четири лица. Првичната процена на материјалната штета изнесува околу 15 милиони денари, односно приближно 250.000 евра.
Информациите од МВР откриваат и како биле приведени четворицата, но и што било пронајдено во полициската акција. Одземени се две возила, ловечка пушка, ловечки карабин, муниција и повеќе предмети за кои полицијата наведува дека потекнуваат од кривичните дела.
Паднале двајца, па акцијата продолжила
Полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, на 19 септември во 16.55 часот во Тетово ги привеле С.У. (26) од Долно Палчиште и А.Е. (34) од Липково.
„Од лицето А.Е. е одземено патничко возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки“, соопшти МВР.
Полицијата потоа пребарувала повеќе локации во Камењане и Палчиште. Таму биле пронајдени ловечка пушка и ловечки карабин, поголемо количество муниција и патрони од различен калибар.
„Пронајдени се и одземени ловечка пушка и ловечки карабин, како и поголема количина на муниција и патрони од различен калибар и повеќе предмети кои потекнуваат од кривичните дела“, наведува МВР.
Уште две приведувања за неколку часа
Акцијата продолжила истиот ден. Врз основа на судска наредба, полицијата во 18.50 часот извршила претрес во домот и помошните простории на Б.У. (26) во Долно Палчиште, по што и тој бил приведен.
Четвртиот осомничен бил задржан неколку часа подоцна. А.А. (34) од Отља, Липковско, претходно бил приведен од СВР Куманово, а на 20 септември во 2.20 часот бил задржан во Полициската станица Тетово.
Од него полицијата одзела „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки.
Од куќа изнеле сеф тежок 400 килограми
Обвинителството ги поврзува осомничените со повеќе од 10 провали во приватни куќи во неколку села во Општина Боговиње, извршени од април до септември. Од домовите биле одземани пари, златен накит и оружје кое сопствениците го поседувале со дозволи.
Тешка кражба имало и во Палчиште. Според информациите од истрагата, од една куќа бил изнесен цел сеф тежок околу 400 килограми.
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против четворицата поради основано сомнение за продолжено кривично дело „Тешка кражба“. Проценетата штета од серијата провали изнесува околу 15 милиони денари, односно околу 250.000 евра.