МАСК И БЕЗОС НЕ ДОЈДОА, А ГО УКРАДОА ШОУТО ВО ПАРИЗ Вселенскиот самит во Париз се претвори во битка за независност

СпејсИкс и Блу Ориџин се повлекоа од собирот во Париз, а Европа возврати со договори, милијарди за индустријата и планови за сопствени летови со екипаж. Во средиштето на големиот вселенски саем се и сателитската безбедност, ИРИС² и зависноста од американските компании.

253

Празните столчиња на СпејсИкс на Илон Маск и на Блу Ориџин на Џеф Безос станаа една од најсилните слики на Меѓународниот вселенски самит во Париз.

Европа на масата стави повеќе од 50 договори и проекти, милијарди евра инвестиции и план за поголема вселенска независност. Во парискиот „Гран Пале“ се собраа околу 2.000 учесници, а зад разговорите за ракети и за сателити се отвори поголемо прашање. Колку долго Европа може да зависи од американската технологија за пристап до вселената?






Франција и Германија го организираа дводневниот собир како глобална платформа за соработка. Присутни се претставници на десетици држави, астронаути, истражувачи и најголеми играчи од вселенската индустрија.

Додека францускиот претседател Емануел Макрон побара „заедничко управување“ со вселената и во живо разговараше со француската астронаутка Софи Адено на Меѓународната вселенска станица, две од најмоќните американски вселенски компании ги немаше.

Според извори на Ројтерс, администрацијата во Вашингтон ги притиснала американските вселенски компании да се повлечат. Американската Канцеларија за научна и технолошка политика им сугерирала дека присуството може да изгледа како поддршка за европски политики на кои САД се противат.

Не станувало збор за формална забрана. Силната сугестија од Вашингтон, сепак, доведе до откажувања во последен момент.

Европа ја гледа својата ранливост

Отсуството на американските гиганти ја погоди токму темата околу која Европа сакаше да отвори дебата, зависноста од туѓи вселенски капацитети.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика европските земји заеднички да изградат суверени капацитети. Европскиот вселенски сектор го опиша како „кревок“, но со потенцијал да стане голем светски играч.

– Вселената останува единственото големо глобално заедничко добро кое не е регулирано во согласност со влоговите. Заедничкото управување е неопходно за справување со овие предизвици – рече Макрон.

Тој најави околу 20 милијарди евра инвестиции поврзани со европската вселенска индустрија. Побара Европа да развие и сопствени капацитети за летови со екипаж.

Прашањето е едноставно, но скапо. Дали европските астронаути во иднина ќе бидат само патници во американски и во други летала или Европа повторно ќе има целосен сопствен пристап до вселената?

 

Старлинк ја смени равенката, ИРИС е одговорот

Европската потрага по независност не почна во Париз. Војната во Украина драматично покажа колку цивилните сателитски системи можат да станат дел од воената и од националната безбедност.

Старлинк на СпејсИкс стана важна комуникациска инфраструктура за Украина. Истовремено, зависноста од приватна американска компанија отвори прашања за европската стратешка ранливост.

Генералниот директор на Европската вселенска агенција, Јозеф Ашбахер, предупреди дека сателитите одамна не се само научна алатка.

– Сателитите навистина се користат од ден на ден. Тоа е она што го нарекуваме критична инфраструктура, затоа е исклучително важно за секој граѓанин – рече Ашбахер.

Европскиот одговор е ИРИС², сопствена безбедна сателитска констелација. Планот треба да обезбеди комуникациски капацитети за европските институции, владите и за комерцијалните корисници.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поврза амбицијата директно со безбедноста. Таа нагласи дека војната во Украина покажа колку вселенската инфраструктура е важна за настаните на Земјата.

Плановите предвидуваат мрежата ИРИС² да опфати повеќе од 350 сателити.

Европејци во европска капсула

Следниот голем чекор е уште поамбициозен. Европа сака повторно да стекне поголема самостојност во испраќањето луѓе во орбитата.

ЕСА работи на концепти што треба да ја намалат зависноста од американски и од руски летала. Во Париз се разговара и за развој на европски капсули со екипаж.

Американската предност е огромна. НАСА ги води најголемите истражувачки програми, а „Артемис“ треба повторно да однесе луѓе кон Месечината и да воспостави подолгорочно човечко присуство таму.

СпејсИкс, пак, ја промени комерцијалната индустрија со ракетите за повеќекратна употреба. Тие ги намалија трошоците и овозможија многу почести лансирања.

Европа во моментов троши значително помалку од САД за вселената. Токму затоа европските лидери во Париз ја поврзаа технолошката независност со многу поголеми инвестиции.

Првиот Грк оди во вселената

Самитот донесе и историска вест за Грција. Адрианос Големис треба во 2027 година да стане првиот грчки астронаут што ќе полета во вселената.

Мисијата ПАМ-6 треба да го однесе до Меѓународната вселенска станица. Станува збор за приватна астронаутска мисија поврзана со Европската вселенска агенција.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го претстави Големис пред околу 2.000 учесници во „Гран Пале“.

Грција, која во минатото немаше голема улога во вселенската индустрија, денес има 18 сателити во орбитата.

 

51 договор на масата

Политичката порака во Париз ја следеа и конкретни бизнис-зделки. Макрон објави повеќе од 50 договори, проекти и финансиски обврски што треба да се финализираат за време на самитот.

Меѓу најголемите е договорот на Аријанспејс со Амазон Лео. Американската компанија нарача уште шест лансирања со европската ракета „Аријан 6“.

Со нив вкупната нарачка достигнува 24 лансирања до 2031 година. Тоа е значаен поттик за европската ракета. „Аријан 6“ доцнеше во развојот, а Европа во меѓувреме мораше да користи и услуги на СпејсИкс за дел од своите мисии.

Аријанспејс планира до 2027 година да достигне стабилен ритам од девет до десет лансирања годишно. Производителите веќе разгледуваат можност бројката дополнително да се зголеми.

На самитот се појавија и други големи инвестиции. Марлан Спејс најави инвестиција од една милијарда долари во сателити. Европската компанија Експлорејшн Компани обезбеди околу 450 милиони долари за развој на европска вселенска капсула за повеќекратна употреба.

И Амазон оди по Старлинк

Зад договорот со Аријанспејс стои уште една голема битка. Амазон Лео гради сопствена сателитска интернет-мрежа. Компанијата планира повеќе од 3.200 сателити за широкопојасен интернет низ светот.

Тоа ја става во директна конкуренција со Старлинк на Маск.

Амазон ги лансираше првите интернет-сателити во 2025 година. Новите шест нарачани летови со „Аријан 6“ покажуваат дека европските ракети ќе имаат место и во американската комерцијална трка.

Тука се појавува интересен парадокс на парискиот самит. Додека компаниите на Маск и на Безос не учествуваат, друг американски гигант му дава голема нарачка на европскиот ракетен сектор.

Париз и Берлин не гледаат исто

Ниту самата Европа, сепак, нема единствен став за тоа колку далеку треба да оди вселенската автономија.

Франција силно ја турка идејата европските влади да користат европски ракети за своите сателити. Германија е поотворена кон американските комерцијални решенија, меѓу кои и СпејсИкс.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц не присуствува на самитот. Германија ја претставуваат министерот за одбрана Борис Писториус и министерката за вселена Дороте Бер.

Разликите меѓу Париз и Берлин не се ограничени само на вселената. Двете земји имаа сериозни несогласувања и околу заедничките европски одбранбени проекти.

Токму затоа европската „независност“ за која се зборува во Париз сè уште нема единствено значење. Франција сака поцврста стратешка автономија. Германија остава повеќе простор за американската технологија кога таа е поевтина или оперативно попрактична.

Орбитата станува тесна

Другиот голем проблем е безбедноста над Земјата. Бројот на сателити расте, орбитите стануваат пополнети, а вселенскиот отпад создава ризик за леталата и за комуникациските системи.

Затоа во Париз се разговара за правила за управување со вселенскиот сообраќај и за распределбата на орбиталните позиции и фреквенции.

Безбедносната дебата оди и подалеку. Сателитите денес управуваат со комуникации, навигација, временски прогнози и со делови од финансиската и од воената инфраструктура.

Европските претставници разговараат и за начини за нивна заштита при кризи и конфликти.

Сепак, светски лидер во вселената остануваат САД.

Поврзани содржини