КОЈА Е АЛИС ВАЈДЕЛ, ЖЕНАТА ШТО ЈА НОСИ АФД КОН ВЛАСТ? Лезбејка со партнерка од Шри Ланка и со два сина стана новото лице на германската национална десница

Поранешната банкарка, економистка со искуство во Кина, лезбејка со партнерка со азиско потекло и два сина родени со донорска сперма, денес е лидерка на партија што германските противници ја сметаат за крајнодесничарска и чиј подем предизвикува шок во земјата.

303

Накратко

• Алис Вајдел најавува борба за освојување на германската влада.






• Таа е отворено хомосексуална и повеќе од 17 години живее со швајцарска филмска продуцентка родена во Шри Ланка.

• Алис не гледа противречност меѓу својот приватен живот и политичките ставови.


Германија се разбуди во нова политичка реалност. По историските 43,8 отсто за АФД на изборите во Саксонија-Анхалт, партијата повеќе не е само протестна сила од политичката периферија. Таа освои 39 од 83 места во покраинскиот парламент, додека ЦДУ падна на само 17,2 проценти. Уште позагрижувачки за традиционалните партии е националната слика: најновиот ARD-DeutschlandTrend ја става АФД на 27 проценти, 6 поени пред ЦДУ/ЦСУ со 21 отсто. По изборната победа, илјадници противници на АФД излегоа на протести, а во Берлин демонстрантите се собраа и пред Бранденбуршката порта.

Во центарот на овој политички земјотрес сè почесто стои една жена – Алис Вајдел, копретседателка на АФД и претседателка на нејзината пратеничка група во Бундестагот. По триумфот во Саксонија-Анхалт, таа веќе зборува за следната цел: победа на сојузните избори во 2029 година и поддршка од најмалку 40 проценти. Вајдел дури порача дека ЦДУ/ЦСУ „никогаш повеќе“ нема да победи на парламентарни избори. Амбицијата е огромна, но по последните резултати веќе не звучи како политичка фантазија.

Либерален финансиски технократ пред да стане професионална политичарка

Но, која е жената што сака еден ден да ја води Германија?

Алис Елизабет Вајдел е родена на 6 февруари 1979 година во Гитерсло, во западногерманската покраина Северна Рајна – Вестфалија. Студирала економија и деловна администрација на Универзитетот во Бајројт, а потоа докторирала економски науки. Пред да стане професионален политичар, имала кариера што многу повеќе личи на биографија на либерален финансиски технократ отколку на лидер на националистичка партија.

Работела во финансискиот сектор, меѓу другото во Goldman Sachs и Allianz Global Investors, била аналитичарка и советничка за инвестиции, а значаен дел од професионалниот живот го поминала во странство. Неколку години работела во Азија, со посебен фокус на Кина, а има професионално искуство и во Европа и во САД. Подоцна учествувала во основање и советување стартап-компании. Во АФД влегла во 2013 година, во времето кога партијата сè уште беше пред сè евроскептична формација создадена како реакција на должничката криза во еврозоната.

Нејзиното искачување било брзо. Во 2015 година влегла во федералното раководство, а на изборите во 2017 година била еден од главните кандидати на АФД и влегла во Бундестагот. Оттогаш е една од најпрепознатливите фигури на партијата. Од 2021 година ја предводи пратеничката група заедно со Тино Хрупала, од 2022 година е федерална копретседателка, а на изборите во 2025 година АФД ја истакна како кандидатка за канцелар. Денес нејзината партиска позиција е практично неспорна.

Контроверзии во приватниот живот

Вајдел е необична политичка фигура и поради својот приватен живот. Таа е отворено хомосексуална и повеќе од 17 години живее со Сара Босард, швајцарска филмска продуцентка родена во Шри Ланка. Босард како бебе била посвоена од швајцарско семејство и израснала во Швајцарија. Двете жени имаат два сина, родени со донорска сперма, а децата ги родила Босард. Семејството живее дел од времето во Ајнзиделн во Швајцарија, додека Вајдел има живеалиште и во Иберлинген во Германија.

Оттука произлегува една од најчесто посочуваните контроверзии околу неа. Партијата што ја предводи го нагласува традиционалното семејство составено од татко, мајка и деца и историски се противеше на истополовите бракови и проширувањето на правото на посвојување за истополовите двојки. Самата Вајдел, меѓутоа, уште во 2017 година изјави дека поради сопственото искуство во принцип поддржува поголеми права за истополовите двојки, дури и кога тоа е спротивно на мнозинството во нејзината партија.

Контрадикцијата повторно стана тема веднаш по победата во Саксонија-Анхалт, кога новинарите го прашаа победничкиот кандидат на АФД Улрих Зигмунд како партиското сфаќање за „идеално семејство“ се согласува со семејството на неговата сопствена лидерка.

Живот меѓу Германија и Швајцарија

Слично е и со темата миграција. Виралните објави на социјалните мрежи ја опишуваат Вајдел како противник на имигрантите кој истовремено живее со „имигрантка од Шри Ланка“. Тоа е ефектна, но сепак непрецизна формулација. Босард навистина е родена во Шри Ланка, но во Швајцарија пристигнала како бебе и таму била посвоена и израсната. И самата АФД својата политика ја дефинира како противење на масовната и нерегуларната миграција, а не како забрана на секое доселување. Сепак, партијата бара драстично построг азил, многу повеќе депортации и силно ограничување на миграцијата, што останува една од главните причини за острите судири околу Вајдел.

И нејзиниот живот меѓу Германија и Швајцарија често се користи против неа. Критичарите прашуваат како политичарка што толку силно зборува за германскиот национален интерес значителен дел од семејниот живот го поминува надвор од Германија. Вајдел, пак, официјално го наведува Иберлинген на Боденското Езеро како свое германско живеалиште. Нејзината биографија во Бундестагот ја опишува како мајка на две деца во регистрирано животно партнерство, а самата политичарка не гледа противречност меѓу својот приватен живот и политичките ставови.

Ќе издржи ли германскиот „заштитен ѕид“ против АФД?

Политички, Вајдел ја спојува економската десница со национал-конзервативната агенда на денешната АФД. Таа бара многу построга миграциска политика, поевтина енергија, намалување на бирократијата и даноците и остро ја критикува политиката на Берлин кон Украина. АФД се залага за обновување на врските со Русија и за прекин или сериозно ограничување на германската воена помош за Киев, а во партиските позиции останува силен евроскептицизмот. Во Саксонија-Анхалт токму комбинацијата од миграција, економска несигурност, високи трошоци, пензии и незадоволство од федералната влада ѝ донесе на партијата историски резултат.

Успехот предизвикува силен отпор. По победата на АФД се одржаа протести во Берлин и други германски градови, а уште пред изборите околу 15.000 луѓе демонстрираа во Магдебург против партијата. Меѓу демонстрантите има левичарски активисти, синдикалци, организации за права на мигрантите и ЛГБТ групи, но и пошироки граѓански иницијативи. За противниците АФД претставува опасност за либералниот поредок. Но, таа веќе ги убеди нејзините гласачи дека АФД е партија способна да владее со Германија.

Поранешната банкарка, економистка со искуство во Кина, лезбејка со партнерка со азиско потекло и два сина, денес е политичкото лице на партија што германските противници ја сметаат за крајнодесничарска и чиј подем предизвикува шок во земјата. Бројките покажуваат дека изолацијата на АФД повеќе не го запира нејзиниот раст: 43,8 проценти во Саксонија-Анхалт и 27 проценти на национално ниво ја претворија партијата во најголемиот предизвик за германскиот политички естаблишмент.

Прашањето е дали германскиот „заштитен ѕид“ – одбивањето на другите партии да коалицираат со АФД – ќе издржи ако ваквите резултати продолжат. Или и тој ќе се сруши како Берлинскиот ѕид.

Поврзани содржини