ПОСЛЕДНИТЕ КРИЗИ ПОКАЖАА КОЛКУ Е ВАЖНА ЈАСНАТА КОМУНИКАЦИЈА НА НАРОДНА БАНКА СО ЈАВНОСТА Славески од Црна Гора порача дека малите слободни економии од Западен Балкан треба да се фокусираат на реформите
Гувернерот на НБ истакна дека централните банки треба уште повеќе да ги зајакнуваат монетарната и финансиската стабилност, институционалниот кредибилитет и отпорноста и да вршат понатамошно усогласување со европските стандарди, а земјите кандидатки треба да продолжат со структурните реформи коишто се од суштинско значење за зголемување на продуктивноста и за подобрување на животниот стандард.
Независноста на Народната банка е клучот за задржувањето на високото ниво на доверба и кредибилитет што институцијата го ужива во јавноста, особено во услови на зголемена неизвесност и високи ризици, истакна гувернерот на Народната банка Трајко Славески, на конференцијата „Централното банкарство во услови на високи ризици: стабилност, инфраструктура и доверба”, организирана од Централната банка на Црна Гора по повод 25-годишнината од нејзиното основање.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат централните банки, гувернерот посочи дека последните кризи и геополитичките тензии покажаа колку се важни кредибилните политики, транспарентноста и јасната комуникација со јавноста.
Тој нагласи дека ова е особено важно за малите и отворени економии, какви што се земјите од Западен Балкан, коишто се особено изложени на светските економски и геополитички случувања. Затоа, последните кризи и геополитичките тензии покажаа колку се важни кредибилните политики, транспарентноста и јасната комуникација со јавноста.
Славески се осврна и на европската интеграција и економската конвергенција на земјите од Западен Балкан. Тој истакна дека централните банки треба уште повеќе да ги зајакнуваат монетарната и финансиската стабилност, институционалниот кредибилитет и отпорноста и да вршат понатамошно усогласување со европските стандарди, а земјите кандидатки треба да продолжат со структурните реформи коишто се од суштинско значење за зголемување на продуктивноста и за подобрување на животниот стандард.
– Според процените на ММФ, со затворањето на половина од реформскиот јаз во однос на најнапредните економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа би можело да се зголеми нивото на БДП на среден рок за околу 14%, за што најмногу би придонесле подобрувањето на пазарот на труд и човечкиот капитал, деловното окружување и квалитетот на управувањето – рече Славески.
Во контекст на европската интеграција, тој нагласи дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде заснован строго на заслугите, со јасни критериуми и со нивна доследна примена. Притоа, земјите кандидатки треба да бидат сигурни дека со исполнувањето на договорените критериуми целта ќе биде постигната и дека тоа ќе води кон следниот чекор во процесот на пристапување.