СОФИЈА ГО ДРАМАТИЗИРА СЛУЧАЈОТ СО СООБРАЌАЈКАТА И ЛЕКУВАЊЕТО НА ОБВИНЕТАТА ИВА МИХАИЛОВА ОД КОЧАНИ Шест бугарски пратеници дојдоа на судењето
Два суда во Македонија го одбија барањето на обвинетата кочанка Ива Михаилова да ѝ се врати пасошот за да се лекува во Бугарија затоа што лекувањето е можно во Македонија, а од случајот официјална Софија гради приказна дека Бугарите во Македонија се онеправдани.
Шест пратеници од Бугарија денеска го следат денешното рочиште во Основниот суд во Кочани од судењето против 23-годишната Ива Михаилова од Кочани, која има двојно државјанство – македонско и бугарско. Таа е обвинета за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајната несреќа од октомври лани, во која едно лице го загуби животот, а неколку други беа повредени, меѓу кои и самата Михаилова. Таа ја отфрла вината за несреќата и тврди дека не настанала по нејзина вина.
Случајот предизвика голем интерес на официјална Софија, откако на Михаилова ѝ беше одбиено барањето да ѝ бидат вратени лични документи одземени со мерките на претпазливост, за да може да се лекува надвор од Македонија, конкретно во Бугарија, бидејќи, наводно, такви интервенции не се вршеле во земјата. Основниот суд во Кочани во почетокот на август го одби нејзиното барање, затоа што во него нема конзилијарно мислење од лекари на ЈЗУ Клинички центар Скопје, ниту од комисија во ФЗОМ дека такво лекување не може да се реализира во здравствните установи во Македонија.
По ваквата одлука реагираше бугарското МНР, од каде побараа Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска грижа, со цел да се избегне реалната опасност од трајни попречености, а потсетија и на „постојаните негативни констатации на ЕК за состојбата на судскиот систем во Македонија“.
Апелацискиот суд во Штип на 20 август ја потврди одлуката на кочанскиот суд дека Михаилова може да се лекува во Македонија, по што од ГЕРБ на Бојко Борисов најавија дека нивните пратеници Георг Георгиев, кој е поранешен министер за надворешни работи и Красимир Терзиев ќе присуствуваат на судското рочиште.
„Присуството на Георгиев и Терзиев е израз на фактот дека ГЕРБ внимателно го следи развојот на случајот околу Ива Михаилова и категорично стои зад нејзиното право на фер судење, како и да ѝ се даде можност да го продолжи потребното лекување во Бугарија“, наведе ГЕРБ.
Владејачката Прогресивна Бугарија (ПБ) објави дека тројца нивни пратеници, Иван Голомеев, Бојко Младенов и Борислав Георгиев, „внимателно ќе го следат текот на судското рочиште и ќе ја информираат бугарската јавност за развојот на случајот“.
Присуство најави и пратеничката од парламентарната група на „Демократска Бугарија“, Елисавета Белобрадова, која е заменик-претседател на Комисијата за политика за Бугарите во странство.

На претходното рочиште во Кочани присуствуваа двајца пратеници од бугарската десничарска партија „Преродба“ и покрај тоа што од лани имале забрана за влез во Македонија.
Бугарската „Фондација Македонија“ попладнево организираше „граѓански протест пред амбасадата Северна Македонија во Софија за поддршка на Бугарката од Кочани, Ива Михаилова“.
Ива Михаилова во изминатиот период доби голема институционална подршка од официјална Софија. Бугарското МНР двапати се огласи со соопштение, а премиерот Румен Радев им се заблагодари на бугарските европратеници кои ги информирале европските институции и јавноста за тој случај. Пред десетина дена бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека во средината на септември ќе има средба со генералниот секретар на Советот на Европа во Стразбур и едно од прашањата кои ќе ги постави е токму за случајот на Михаилова. Претходно, на 4 август, собраниската Комисијата за политика за Бугарите во странство ја сослуша мајката на Ива, Христина Михаилова, во Народното собрание.