ГЕРМАНИЈА ПРЕД СУДБОНОСНИ ПОКРАИНСКИ ИЗБОРИ Подемот на АФД ја натера Меркел да се огласи
Мора со сите сили да ја браниме демократијата – порача Меркел на митинг во Берлин.
Пред судбоносните покраински избори во Саксонија-Анхалт закажани за 6 септември, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел упати драматичен апел до граѓаните итно да застанат во одбрана на демократијата. На собир во Берлин, таа истакна дека за првпат по неколку децении Германија мора со сите сили и со храброст да ги брани своите основни демократски вредности пред налетот на екстремизмот.
– Мислам дека сега повторно мора да направиме нешто што не моравме да го правиме со децении, навистина да се бориме за оваа демократија, да учествуваме во неа, да покажеме малку храброст, да го одржиме зборот и да кажеме дека тоа е прекрасен начин на живот – истакна Меркел на митинг во Берлин.
Алармот кај политичката елита е запален бидејќи крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), според анкетите, би можела да освои над 40 проценти од гласовите во оваа германска покраина. Меркел предупреди дека ова повеќе не е само локален проблем, туку сеопшт германски феномен, нагласувајќи дека АфД успеала преку агресивна кампања да доминира во сите јавни дебати од утро до вечер. Покраинската организација на АфД во Саксонија-Анхалт дури е означена од внатрешната тајна служба како потврдена десничарска екстремистичка организација, одлука врз која партијата поднесе тужба.
Сепак, најновите истражувања на агенцијата „Форса“ покажуваат преседан: иако популарноста на АфД драстично расте, мнозинството граѓани всушност ги одбиваат нивните главни барања. Иако партијата профитира од жестоката антиимигрантска реторика, повеќе од 80 проценти од испитаниците не ги поддржуваат нивните радикални ставови против странските квалификувани работници и лекари, ниту пак нивните барања за промени во образованието. Тоа укажува дека голем дел од гласачите ѝ даваат поддршка на АфД од револт, а не поради нивната конкретна изборна програма.