ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ КИРИЛ М. ПЕТРЕСКИ Голема загуба за прилепскиот и за македонскиот театар

Кирил М. Петрески (1971-2026) беше член на колективот на Прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“, на колективот на театарот „Војдан Чернодрински“, каде од 2013 година работеше како драматург и режисер.

152

На 55-годишна возаст почина режисерот и драматург од прилепскиот театар, Кирил М. Петрески.

За колективот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ смртта на Петрески е голема загуба за прилепскиот театар и за македонскиот театар воопшто и упатува сочувство до семејството, блиските, пријателите и колегите на Петрески за неговата прерана смрт.






Петрески е роден 1971 година. Дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.

Беше член на колективот на Прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“- на колективот на театарот „Војдан Чернодрински“, каде од 2013 година работеше како драматург и режисер. Со својата долгогодишна и посветена работа, Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и развојот на прилепскиот театар, но и препознатлив печат во македонскиот театар.

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ ги режираше претставите: „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург. Со претставата „Четвртата сестра“ учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во кумановскиот театар ги режираше претставите: „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, која беше дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година. Во НТ „Григор Прличев“ – Охрид ја режираше претставата „На дното“ според делото на Максим Горки.

Поврзани содржини