ЛИКОТ НА МАЈКАТА БОЖЈА НÈ ХРАБРИ ДА ИСТРАЕМЕ Претседателката со честитка за Успение на Пресвета Богородица
Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека во време на искушенија треба да се истрае на патот на доброто. Таа повика на заедништво, грижа, солидарност и зачувување на мирот.
Претседателката Гордана Сиљановск а Давкова упати честитка за Успение на Пресвета Богородица, со порака за заедништво, солидарност и мир. Таа порача дека ликот на Мајката Божја треба да охрабрува во време исполнето со искушенија и премрежија.
Во писмо до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Сиљановска Давкова пишува:
„Почитуван г.г. Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва,
Дозволете ми Вам, Ваше Блаженство, на членовите на Светиот архијерејски синод, на чесното свештенство и преподобното монаштво, како и на сите православни христијански верници, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Денот на Успението на Пресвета Богородица е потсетник за вознесението нејзино со дух и тело и нејзиното застапништвото пред Божјиот престол, за нејзината духовна сила, пожртвуваност, истрајност, доследност, за нејзината исконска мајчинска љубов.
Како Мајка Божја и закрилница, таа е вгнездена и ги вдахновува срцата на сите христијански верници.
Во време обременето со искушенија и премрежија, верувам дека ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри сите нас да истраеме на патот на доброто, градењето на заедништвото, грижата и солидарноста во заедницата, чувајќи и негувајќи го мирот во неа.
Посакувам на овој светол христијански празник, храмовите на Македонската православна црква, како во татковината, така и во дијаспората, да бидат исполнети со верници сплотени во христијанската љубов под закрилата на Пресвета Богородица.
За многу години нека е големиот празник, Успение на Пресвета Богородица“, пишува во честитката на Сиљановска-Давкова.