ГОРИ ЖЕДЕН, ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКО СЕ ШИРИ КОН ШАР ПЛАНИНА Ангелов се сомнева дека огнот кај Копаница е подметнат

Огнената линија кај Копаница е долга неколку километри, а ветерот го забрзува ширењето. Пожарот на Китка по повеќедневната битка е ставен под целосна контрола.

1

Два нови големи пожари се активни во западниот дел на Македонија. Едниот гори над селото Копаница, на планината Жеден, и се шири во правец на Тетово. Вториот избувнал во Тетовско, во близина на православните гробишта, и се шири кон Шар Планина.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека пожарот кај Копаница најверојатно бил намерно подметнат. Полицијата работи на откривање на сторителите, а во гаснењето се вклучени ер-трактори.






– Пред неколку дена во близина изгаснавме пожар. Нов пожар, најверојатно намерно подметнат. Не знаеме кои се мотивите, но полицијата работи на откривање на сторителите – изјави Ангелов.

Поради ветрот, пожарот со голема брзина се движи кон сртот, поради што се активирани ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Според Ангелов, станува збор за голема пожарна линија долга повеќе километри. Поради сувата вегетација и ветрот, постои опасност пожарот значително да се прошири. Тој посочи дека засега не гори квалитетна шума, туку претежно сува трева, грмушки, трње и друга ниска вегетација.

Вториот поголем пожар е регистриран во Тетовско, во близина на православните гробишта. Поради ветрот, огнот брзо се шири кон Шар Планина.

На терен интервенираат тетовските пожарникари, а поддршка им дава и полициски хеликоптер, со цел пожарот да биде ставен под контрола.

Ангелов информира дека пожарот кој со денови беснееше на планината Китка е ставен под целосна контрола.

– Се плашам повторно несовесни намерници да не предизвикаат нов пожар во близина на пожарот кој беснееше овие денови на планината Китка – рече Ангелов велејќи дека последната битка со ожарот била во раните утрински часови кога еден од најголемите краци бил пресечен на асфалтираниот пат кој води кон селото Палиград.

Ангелов посочи дека информациите за останатите активни пожари редовно ги објавува Центарот за управување со кризи и најави дополнителни информации доколку дојде до вонредна состојба.

Во текот на вчерашниот ден, 26 август, биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворено, од кои најголемиот дел се изгаснати или ставени под контрола.

Поврзани содржини