Овој викенд во Илирска Бистрица, Словенија, Игор Стефановски – Иџе го има својот прв официјален настап со новиот болид, отворајќи ново поглавје во својата европска тркачка приказна. Иако Иџе претходно го тестираше болидот, Илирска Бистрица е неговото вистинско „огнено крштевање“ во живо, лице в лице со европската елита.
На претпоследниот викенд во рамките од Европскиот шампионат на ридски патеки во Словенија, ќе се случи првото сериозно мерење на новиот болид. Игор Стефановски – Иџе на оваа трка настапува во најпрестижната и најбрзата категорија на Европскиот шампионат -Категорија 2, категоријата на болиди и прототипи, која ги обединува најбрзите машини на ридските патеки.
Ова е историска сезона за него бидејќи по трите европски титули во Категорија 1 со затворени автомобили, Иџе направи огромен чекор напред. Тој сега вози ултрамоќен, специјално конструиран прототип Nova Proto NP01, често нарекуван и Норма, чија технологија е блиска до болидите од Формула.
– Словенија ќе биде мојот најнов предизвик. Ќе се тркам со мојот нов болид. Сакам да ги почувствувам неговите перформанси. Затоа и одлучив да се тркам вo Илирска Бистрица. Патеката e интересна, важи за една од најпрепознатливите и можам слободно да кажам дека ми лежи. Словенците со години докажуваат дека се одлични организатори, што трките ги прави особено интересни и за публиката и за натпреварувачите. Голема е бројката на пријавени учесници во сите категории – вели Стефановски.
Влегувањето во нова категорија ќе бара и сосема поинаков стил на возење, огромна физичка подготвеност и максимална концентрација, вели Стефановски, кој не ја крие возбудата пред првиот голем тест со новата машина.
Трката се вози на познатата патека Илирска Бистрица – Шембије, која е со должина од 5.010 метри и важи за исклучително брза. И годинава листата на учесници е импозантна, пријавени се 242 натпреварувачи.