СЕ ШИРИ НОВА ИЗМАМА Со лажен документ „овластување за трговија“ им се нуди на граѓаните да купуваат хартии од вредност
Комисијата за хартии од вредност ги повикува граѓаните да бидат особено внимателни кога преку социјалните мрежи, електронската пошта, телефонски повици или други канали им се нуди инвестирање или од нив се бара уплата на парични средства и лични податоци.
Комисијата за хартии од вредност предупредува дека во јавноста се споделува лажен документ со назив „Овластување за трговија – трговец поединец“, на кој неовластено се користат нејзиниот назив и логото, како и лажни потписи на претседателот и на внатрешниот комисионер.
КХВ соопшти дека не го издала лажниот документ и дека не постои законски основ за исправа со ваков назив и содржина.
Оттаму ги повикуваат граѓаните да бидат особено внимателни кога преку социјалните мрежи, електронската пошта, телефонски повици или други канали им се нуди инвестирање или од нив се бара уплата на парични средства и лични податоци.
Кои учесници на пазарот на хартии од вредност се овластени да даваат инвестициски услуги може да се провери во официјалните регистри на КХВ, објавени на веб-страницата www.sec.gov.mk.