ХИРУРШКИ „CHATGPT“ ВЛЕЗЕ ВО ОПЕРАЦИОНА САЛА И ПОМОГНА ДА СЕ ОТСТРАНИ ТУМОР НА МОЗОК Вештачката интелигенција ги „гледала“ нервите и крвните садови скриени од хирурзите

За првпат во светот, хируршки тим користел вештачка интелигенција во реално време за да препознава скриени крвни садови и нерви за време на операција на мозочен тумор.

0

На Рис Хиберт, првиот пациент во светот, успешно му беше отстранет тумор за време на операција на мозокот во која беше користена вештачка интелигенција во реално време.

Хирурзите од болницата „University College London“ наведуваат дека Хиберт, татко на две деца од Бедфордшир, без оваа интервенција можел целосно да го загуби видот. Системот со вештачка интелигенција ја анализирал видеоснимката од операцијата во тек и му давал насоки на хируршкиот тим како да ги избегне клучните, но со голо око невидливи крвни садови и нерви. Тоа им овозможило безбедно да отстранат значително поголем дел од туморот, пишува Би-би-си.






– Од аспект на безбедноста на пациентот, апсолутно ја гледам користа од ваквата технологија. Во главата немаме никакви патокази што би им дале на лекарите такви информации – рече Хиберт.

Туморот бил откриен откако ја загубил свеста

До пред 18 месеци, овој 48-годишен раководител на служба за корисници бил целосно здрав и секојдневно за време на паузата за ручек пешачел по три километри. Токму за време на една таква прошетка ја загубил свеста и добил напад на патот.

Снимањето на мозокот открило бениген тумор од 11 милиметри на хипофизата, орган со големина на зрно грашок, сместен во основата на черепот. Оваа жлезда лачи клучни хормони кои управуваат со процеси како што се растот, метаболизмот и регулирањето на крвниот притисок и телесната температура.

Проблемот бил во тоа што туморот се наоѓал многу блиску до каротидните артерии, клучните крвни садови што го снабдуваат мозокот со крв, како и до оптичките нерви. Како што туморот почнал да ги притиска овие нерви, кај Хиберт се стеснило периферното видно поле.

Не се двоумел да ја прифати алатката со вештачка интелигенција

Иако операцијата првично не била итна, Хиберт почнал да се сопнува од предмети, а чувствувал и силен замор и вртоглавица.

– Осумнаесет години, колку што сме во брак, секогаш јас станував и ѝ правев кафе на сопругата. Не мислев да дозволам овој тумор да ме спречи во тоа – рече Хиберт.

Тој истакна дека најголемите последици биле емоционални и психолошки.

– Иако многу луѓе љубезно ми нудеа помош, не сакате да им бидете товар – додаде тој.

Кога хирурзите му ја понудиле можноста да биде првиот пациент врз кој за време на операција ќе биде применета нивната специјално развиена алатка со вештачка интелигенција, тој не се двоумел.

– Ако пациентите не се подготвени да учествуваат во истражувањата, како лекарите ќе учат и како медицината ќе напредува? – рече Хиберт.

Хируршки „ChatGPT“ како дополнителен пар очи

Операцијата вклучувала внесување ендоскоп, тенок инструмент со камера, низ носот до основата на черепот. Во тој момент туморот бил во близина, но скриен зад слоеви коска и цврста мембрана.

Одредувањето на најбезбедното место за отстранување на туморот не е едноставно, особено затоа што анатомијата се разликува од човек до човек. Стапките на компликации варираат, но постоела веројатност од 25 до 50 отсто туморот да не биде целосно отстранет, како и ризик од 0,5 до 2 отсто за повреда на главен крвен сад.

Тука клучна улога одиграла алатката со вештачка интелигенција.

На втор екран системот го анализирал преносот во живо, ги следел хируршките инструменти и ги означувал областите каде што најверојатно се наоѓаат крвните садови и нервите, истовремено посочувајќи ги местата каде што било најбезбедно да се пристапи до туморот.

Технологијата е слична на препознавањето лица кај паметните телефони, само што наместо лица препознава важни и често скриени анатомски структури.

Просечен хирург во Обединетото Кралство годишно изведува околу 10 до 20 вакви операции и се потпира на снимки направени пред интервенцијата за да се запознае со анатомијата на пациентот.

Истражувачите го обучувале системот со вештачка интелигенција на стотици видеоснимки од отстранување тумори на хипофизата. На секоја снимка внимателно ги означувале крвните садови и нервите, со цел системот да собере доволно податоци.

– Системот е обучен на повеќе операции отколку што повеќето хирурзи гледаат или изведуваат во текот на целата кариера и може да послужи како дополнителен, стручен пар очи – рече професорот Хани Маркус, кој учествувал во интервенцијата.

Тој додаде дека, за разлика од други експериментални алатки со вештачка интелигенција, овој систем работи во реално време.

Тимот нагласува дека алатката со вештачка интелигенција служи исклучиво како помош, додека хирурзите ја задржуваат целосната контрола врз интервенцијата.

– Долгорочната цел е да развијат своевиден „ChatGPT“ за хирурзи, за во операционата сала да постои „уште еден стручњак“ на кој можат да му се обратат за совет доколку сакаат или да го игнорираат доколку не се согласуваат со него – објасни професорот Маркус.

Проектот го финансираат Националниот институт за истражување на здравјето и грижата и „Google“, а тимот веќе подготвува поголемо клиничко испитување по неколкугодишно тестирање во лабораторија.

„Ми се врати животот“

– Штом ги отворив очите по операцијата, се чувствував како да гледам 360 степени, една година немав толку јасен вид – рече Хиберт.

Во осумте недели по операцијата забележал дека видот му се подобрува на секои неколку дена.

– Ми се врати енергијата, а сите симптоми што ги имав пред операцијата исчезнаа. Ми се врати животот – вели тој.

Џејмс Фрит, министер за здравствени иновации, изрази задоволство што Рис поминал низ оваа „операција што му го промени животот“ во рамките на државното истражување.

– Вештачката интелигенција бара соодветни заштитни механизми и секогаш ќе внимаваме безбедноста да се сфати сериозно. Но, исто така, ќе се погрижиме да ги искористиме можностите што ги носи – додаде министерот.

Поврзани содржини